Вера Мештеровиќ наградена на Златна бубамара: Убавината отвора врати, ама човечноста издигнува!

by Fokus

Првата Мис на Македонија, моделот Вера Мештеровиќ (39) ја доби наградата за најпопуларен фото модел на вчерашното издание на забавната манифестација Златна бубамара на популарноста.

Во впечатлив долг син фустан, таа со својата раскошна убавина се најде во центарот на вниманието на јавноста и ги привлекуваше погледите на присутните. На убавината и се воодушевуваа и мажите и жените.

Убавицата за ,,Фокус” раскажува дека Златна бубамара на популарноста е еден вид на македонски Оскар и е горда поради признанието.

-Оваа прекрасна манифестација опстојува со години и ги опфаќа сите кои се дел од нашата сцена. Со право, таа е нашиот Оскар на популарноста. За сите нас, кои сме дел од сцената најважна е публиката, но исто така особена чест и задоволство е кога ќе се добие вакво признание. Благодарна сум му на организаторот, Ранко Петровиќ – вели Мештеровиќ.

Таа се појави во видео спотот за песната ,,Нешто ме гони” на популарната група ,,Галија” и вели дека стиховите со кои започнува нумерата најдобро го отсликуваат овој период од нејзиниот живот.

-,,Лепе ставри се понекад десе” – така почнува песната од Галија, па ете мене вчера ми се случи многу убаво нешто. Посебно ми е драго што моите деца, синот Андреј и ќерката Јована беа дел од публиката, па ме видоа во едно гламурозно и прекрасно издание. Бев возбудена и среќна, дополнително поради нивното присуство. За мојот изглед беше „виновна“ креаторката Јасмина Дракул и ID team Hear Bar, за што сум благодарна. Исто така, им благодарам на моите деца, на брат ми, на родителите, за безрезервната поддршка која ми ја даваат. За прв пат се појавив на сцената на мои седум години, во МРТ, а со реклами и ревии започнав на 12 години. Над 25 години трае мојата модно – сценска приказна, и благодарам и на јавноста која ме поддржува сите овие години – порача Вера.

Додава дека да се поседува убавина е благослов, но сепак според неа, човечноста е она што е најважната карактеристика.

-Убавината е одговорност, според мене, и не е секогаш лесно. Точно е дека ги отвора вратите на успехот во животот. Но, квалитетите, моралните вредности, човечноста, упорноста, истрајноста, харизмата кои ги поседуваме и надоградуваме, токму тие не издигнуваат на едно уште повисоко ниво – ни изјави Мештеровиќ.

Златна бубамара на популарноста синоќа го имаше 22-то издание. Традиционално, се бараше влезница повеќе за шоуто на кое беа доделени повеќе златни бубамари за најуспешните.

Вики Клинчарова

Поврзани новости