Преку фирмата во која работам, Логин Системи, покренувам иницијатива под називот #МојатаРабота. Идејата е познати и помалку познати лица да ја претстават накусо својата работа и да споделат бизнис совети во неколку реченици. Напишаните бизнис приказни ќе ги ставаме на форумот од веб сајтот на Логин Системи како референци.
Овие бизнис совети ќе ги споделуваме од време на време на социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм и Твитер. Целта ни е да го свртиме вниманието кон економијата, работата и деловните вредности. Исто така, сакаме да го збогатиме националното бизнис знаење и да поттикнеме многу повеќе млади луѓе да креираат производи, услуги, и да се вклучат во реалната економија во Македонија.
Потребно е да се истакне дека бруто-домашниот производ (БДП или анг. GDP) го создаваат луѓето во реалниот бизнис сектор. Тие се јунаците на Македонија. Иако е важно да се истакнуваат нашите граѓани што успеваат во светот, сепак стожерот на Македонија се токму нашите стопанственици и професионалци што живеат и работат во Македонија (или вработуваат луѓе во Македонија). Да ги истакнеме бизнисите и личностите кои извезуваат наши производи и услуги на светските пазари.
Секако дека се важни и државните службеници кои (би можеле да) ја олеснуваат работата на бизнисите и организациите во подобрувањето на македонската економија. Постојат такви службеници од пониските нивоа кои заслужуваат да бидат истакнати како примери и да дадат свои совети на нивните колеги од администрацијата.
Покрај нашиот избор на истакнати стопанственици и професионалци, ќе оставиме простор и другите да предлагаат и да пишуваат бизнис совети. Тоа ќе може да се прави на страницата “Сподели ја твојата бизнис приказна”. https://goo.gl/qrMUyM
Дали мислите дека е потребно вакво нешто?
#МојатаРабота