Величенствено и достоинствено испраќање на Драгојевиќ

by fokus

Со песна и аплауз, кои беа дел од неговиот живот, вчера од пристаништето од Сплит беше испратено телото на легендарниот музичар Оливер Драгојевиќ, со катамаран, во неговата родна Вела Лука.

Сцените од збогувањето на Сплит со Драгојевиќ беа истовремено и тажни и импресивни. Десетици илјади луѓе му оддадоа почит, и ако за време на концертите му аплаудираа како на врвен уметник, овојпат му аплаудираа како на голем човек кој со своите песни и дела остави траг во животот на многу генерации.

На комеморацијата присуствуваше неговото семејство, целиот државен врв на Хрватска и многу музичари. Во градот пак, илјадници возила од сите страни на Хрватска, од Загреб, Мостар, Дубровник, доаѓале луѓе од сите градови за да ја поделат тагата и да му оддадат последна почит на човекот чии песни на некој начин беа дел од сечиј живот, детство, љубов и тага. На градските автобуси била истакната негова фотографија со пораката – Збогум легендо.

Со запалени бакљи, звуци на камбаната и бродската сирена, Драгојевиќ беше испратен со искрени емоции, достоинствено и величенствено на последното патување.
И во Вела Лука, каде што денес ќе биде погребан, беше дочекан со песна и аплауз. Негова желба било да почива токму таму, во местото во кое бил роден и каде се враќал целиот живот.

Музичарот ја изгуби битката со ракот на белите дробови, во раните утрински часови на 29 – ти јули. Погребот ќе се изврши во попладневните часови.

Вики Клинчарова

Поврзани новости