Велешко Езеро – прекрасна природа на која и треба генералка

by Fokus

Летните горештини го преполнија крајбрежјето на езерото Младост, познато и како Велешко Езеро, со илјадници посетители за време на викендот. Амбиентот околу вештачкото езеро е доста пријатен, густа шума и дебели сенки, но сепак она што е очигледно е недостигот на уредување на крајбрежјето и темелно чистење од отпад.

И покрај тоа што на повеќе локации се поставени дрвени клупи и маси за посетителите, недостигаат корпи за отпадоци, санитарии и чистење на крајбрежниот појас од трска и ѓубре, со цел посетителите да можат да влезат во водата. Имено, само на неколку места на езерото може да се влезе во водата, и тоа во должина од околу 30, до 40 метри, бидејќи останатиот дел е непристапен поради несредените грмушки и трски.

Поради големата навала на народ, локациите кои што се предвидени да се користат како плажи се преполни го отпадоци, и на една од чистинките каде има капачи, за неколку стотици посетители можевме да забележиме само една корпа за отпадоци. Некои од совесните посетители поставиле картонски кутии за фрлање на отпад, но генералната слика е дека сепак, недостига урбано средување на областа.

Соблекувални за капачите или пак тоалети, нема, па луѓето се принудени да се снаоѓаат како умеат. Дел од посетителите од Велес, кои често доаѓале на езерото се согласуваат дека се работи за прекрасна природа, која не смее да се запостави и уништи и како треба да се инвестира во крајбрежјето.

-Со малку пари, но со многу работа надлежните можат да го направат езерото вистинска атракција. Вака, овде доаѓаат оние со послаб буџет и се обидуваат да ги затворат очите пред нечистотијата, но затоа пак оние кои можат да си дозволат, без размислување се разладуваат во неколкуте приватни угостителски комплекси покрај езерото – ни раскажаа дел од посетителите.

На само неколку стотина метри од локациите кои ги посетивме се наоѓаат и двата познати туристички комплекса, мотел- ресторанот брод Панини и мотелот Романтик. Таму веќе сликата е сосема подруга. Уредено до перфекција, преполно со народ, голем паркинг на кој беа сместени стотици автомобили и посетители од цела Македонија.

Пред мотелот Романтик има и убаво средено крајбрежје, па оние кои не сакаат да се капат во базенот, или пак на несредените плажи, можат да пливаат во езерските води, кои се исчистени од трска и средени за уживање на гостите. Од Општина Велес годинава е обезбеден бесплатен автобуски превоз секоја сабота и недела, од градот до езерото, со што бројот на посетители е зголемен.

Од велешкиот Центар за јавно здравје на почетокот на минатиот месец соопштија дека по физичко – хемиските и бактериолошки анализи, согласно уредбите за класификација на водите и категоризација на водотеците, езерата, акумулациите и подземните води, водата во езерото Младост е со одличен квалитет (I-II категорија) и безбедна е за капење и рекреација.

Сепак, и стручните лица од Центарот за јавно здравје препорачаа дополнително уредување на крајбрежниот појас, поставување на санитарии, управување со отпадот и други мерки кои би придонеле за уште поголема заштита на езерото кое го користат многу граѓани, особено во летниот период.

Вики Клинчарова

Поврзани новости