Велешките фотографи порачаа дека немаат намера да им плаќаат на црквите за сликање и снимање

by fokus

Велешкиот еснаф на сниматели и фотографи им плаќа на црквите во градот по 500 денари за снимање и 1.000 денари за фотографирање на венчавките кои се составен дел од свадбените веселби во градот, пишува порталот ДУМА. Толку пари од нив барала Повардарската Епархија за секоја свадба во Велес како давачка штом се освети новиот храм „Свети Кирил и Методиј“ во центарот на градот. Тоа на нозе ги крена сопствениците на Фото студијата во Велес кои открија дека тие претходно со години плаќале по 100 денари во секоја црква во градот и за секоја свадба. Сега јавно порачаа дека немаат намера да и плаќаат по новиот тарифник на Епархијата и соопштија зошто.

– Црквата ни воведе некаква си давачка, што за нас е несфатлива а и не знаеме од кои причини ја воведува. Ние за време на венчавките и кршенките во црква сме услужен сервис кој што работи за потребите на младоженците што одлучиле да се венчаат или пак на родителте што одлучиле да ги крстат своите деца. Сметаме дека црквата е народна и дека за тоа што поповите ја вршат службата добиваат доволно добра награда од тарифите што ги наплаќаат од званичниците на свадбите, рече фотографот Данчо Стефков.

 Тој додаде дека на барање на фотографско – снимателскиот еснаф во градот веќе имале состанок со преставници на Повардарската Епархија на кои ништо не се договориле. Тогаш наместо договор добиле закана ако не се прифати новиот тарифник тогаш Епархијата ќе распишела тендер и ќе си избила фирма што единствено ќе го имала правото да снима и фотографира свадби и крштевки.

– Јас јавно прашувам како може МПЦ да распише тендер? И сакам уште да дополнам како е можно за сегашното плаќање во црковниот објект во кој фотографираме и снимаме да добиеме ливче од парагон блок дека сме платиле што е тотално не легален начин на финансиски документ. Ние плаќаме даноци и не знам како би можеле да ги повратиме уплатените пари во Епархијата при книжењето во сметководството и книговодството на крајот од годината, рече Стефков.

Поврзани новости