Неготинчани вознемирени од крвави шприцови на места каде играат деца

by fokus

Дрогата станува се поприсутна во животот на младите во Неготино, мал град кој отсекогаш важел за мирно место за живеење.

Во изминативе две недели, граѓани од централното подрачје речиси секое утро забележувале крвави шприцови, празни пакувања од апмули и лекови, опушоци од марихуана, па дури и ножеви пред дворните места околу зградите, каде најчесто си играле нивните деца.

Денес, откако децата повторно им посочиле дека нашле игли и шприцови, тие настанот го пријавиле во полиција.

,,Пред зградите имаме клупи, маса, децата овде играат, и ние возрасните често знаеме да седнеме. Веќе десетици денови наназад, наутро наоѓаме крвави шприцови, се случува низ зградата во вечерните часови да се шири мирис на марихуана, а некои соседи во раните утрински часови слушале и викотници. Денес еден од соседите го пријавил случајот во полиција, од каде дојдоа на увид, ги зедоа шприцовите, иглите и празните пакувања од лековите и си заминаа. Посебно не вознемири и тоа што наоколу имаше крв, не знаеме што се случува ноќе пред нашите домови. Апелираме полициски службеници почесто да прават контроли, затоа што кога ова се случува во центарот на градот, како ли е во перифериферијата’’ – вели нашиот соговорник.

Додава дека често забележувале празни ампули од витамин Б6, и други ампули со непозната содржина, но најмногу се вознемириле од крвавите игли и шприцови, расфрлани на место каде играат деца. Шприцови нашле и во подрумските простории во зградите.

Кон средината на септември, во полициска акција во градот беа уапсени осум лица, под сомнение дека вршеле препродажба на дрога. Од уапсените, шест лица беа од Неготино и двајца од Кавадарци. Во акциската контрола кај нив биле запленети 70 грама опојна дрога марихуана, а по извршениот разговор, приведените биле ослободени.

Тогаш од СВР Велес изјавија дека по документирањето на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Вики Клинчарова

Поврзани новости