Велешанецот со индиски сој на Ковид-19 имал контакт само со сопругата

by Fokus

Велешанецот на возраст од 43 години, позитивен на Ковид-19, а кај кого е докажан делта сојот, повеќе од една недела бил хоспитализиран на Инфективното одделение во ЈЗУ Општа болница. Тој се вратил во земјава од Лондон, Англија, пред околу две недели.

Пациентот е во добра општа состојба, нема температура, на почеток имал само кашлица, и не покажал други симптоми на вирусот. Поради контакт со него, изолација и е одредена на неговата сопруга.

Информацијата за ,,Фокус” ја потврди епидемиологот, д-р Билјана Трајкова од ЦЈЗ Велес. Во телефонски разговор таа појаснува дека станува збор за пациент кој живее во велешко село, и немал контакт со други лица, освен со неговата сопруга, откако се вратил од Лондон.

-Уште кога пристигнал дома, на 21-ви јуни, тој се почувствувал омалаксано, не знаел дали е тоа поради патувањето, но и поради пандемијата со корона вирус, бил претпазлив и немал контакти со други луѓе. Според негови зборови, не се видел ниту со соседите и пријателите, единствено бил во контакт со сопругата со која живеат сами. Таа е единственото лице на кое му е одредена изолација поради овој случај и засега нема покажано симптоми на вирусот – појаснува д-р Трајкова.

Додава дека пациентот се чувствува добро, но останува во болница се до добивање на негативен тест.

-Единствениот симптом кај него била кашлицата, која сега веќе ја нема, нема покачена температура, добро се чувствува. Хоспитализиран е од 28-ми јуни, наскоро ќе биде повторно тестиран. Да се надеваме дека се ќе помине во најдобар ред, вели епидемиологот Трајкова.

Моментално во Велес има два активни случаи на вирусот. Од почетокот на пандемијата во општината се инфицираа 5.474 лица, а починаа 178 лица.

Вики Клинчарова

Поврзани новости