Некомпететни лица ќе ја оценуваат историската поставка во Музејот на ВМРО, а сите членови на комисијата биле членови на Шарената револуција, вели Роберт Вељановски, претседател на Комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ.
-Споменатата група се состои од членови кои се археолози, конзерватори, етнолози, галеристи, и само еден историчар со недоволни референци за оценување на историска поставка за 19 и 20 век. Заеднички именител на членовите на групата е дека, безмалку сите, биле активисти на шарената револуција. За разлика од нив, историската поставка во Музејот на македонската борба е создадена од 4 еминентни универзитетски професори, историчари, специјалисти за 19 и 20 век – изјави денеска Вељановски.
Според него поставката е резултат на 75-годишни проучувања на македонската историска наука, а највредните предмети се донација од граѓани на Македонија и иселеници од дијаспората.
-Каква порака Групата за ревизија им испраќа на овие и на сите идни донатори на артефакти?! Второ, поставката на Музејот на македонската борба е модерна, научно поткрепена и мултимедијална презентација на историјата на македонскиот народ и сите заедници кои живеат во Република Македонија. Ваквиот тип на музејски презентации е хит во последните години во Европа, а восочните фигури стануваат речиси неизбежна алка во презентацијата – рече Вељановски.
Тој посочи дека ревизијата на поставката е идеолошко-политичка пресметка со науката и современата научна мисла.
-Трето, посочуваме дека за објектот на Музејот на македонската борба не се води никаква судска постапка, туку постапка се води за подземната гаража. ВМРО-ДПМНЕ посочува во блиска иднина постапките на членовите на работната група за ревизија Музејска дејност и нивните наредбодавци ќе бидат предмет на ревизија и истрага а секоја незаконитост ќе биде кривично процесирање согласно степенот на уништувањето на материјалните и нематеријалните културни добра на Република Македонија – предупреду Вељановски.