Мицкоски: Моја грижа ќе биде потребата на младите, ќе овозможиме вработување на 500 најдобри студенти

by fokus

Во време кога пред очи имаме трговија од страна на владата со националните и државни интереси, кога се склучува капитулантскиот договор на Зоран Заев со кој се брише името Македонија и се прават редица други отстапки на штета на државата, и во период кога Македонија останува без датум за преговори, економијата продолжува да тоне, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес конференција.

Катастрофата во националната политика, рече тој, е само еден дел, а во реалниот живот е уште полошо. Со раст од 0.1 %, додаде Мицкоски, економијата на Република Македонија е најслаба во Европа, а најновиот податок за индустриското производство во мај од 1.1% покажува дека растот на индустријата е недоволен и далеку од потребното ниво.

-Тоа значи дека граѓаните продолжуваат да осиромашуваат, а економијата да е закована на дното. Производството во рударството е во слободен пад од минус 7.3 %, секторот Енергија забележува пад за 6.3 %, и нетрајните производи за широка потрошувачка за цели 6.0 % итн.И кога ќе сакаат да престават лажна разубавена слика која е далеку од реалноста ќе кажат дека во април индустриското производство пораснало за цели 1.5 %, но во исто време пропуштаат да кажат дека освен тоа што растот е незначително мал, тоа е и далеку зад европскиот просек – рече Мицкоски.

Македонија, порача тој, на чело со Зоран Заев пропушта драгоцено време.

-Имаме ситуација каде владата го одзема достоинството на народот, во исто време кога создава сиромаштија и истата ја зголемува. Младите се најпогодени и затоа си заминуваат и ја напуштаат нашата држава и тоа мора да престане. Моја особена грижа ќе биде вниманието за потребата на оваа категорија на граѓани, затоа што тие заслужуваат подобро и тие заслужуваат повеќе. А ние тоа ќе го овозможиме. За почеток ќе овозможиме загарантирано вработување за 500 – тини најдобри студенти секоја година. Наместо во странство тие својата иднина ќе ја градат тука меѓу своите најблиски во нашата татковина. Ќе понудиме и многу други проекти, следете не. Работите мора да се променат. Состојбата на порази кои оваа влада и Зоран Заев и ги носат на Македонија мора да престанат. Македонија заслужува подобро и Македонија заслужува победи – рече лидерот на опозицијата.

Поврзани новости