Зошто Џафери ја закажа за во 21 часот вчерашната седница на која требаше да се одлучува за имунитетот на Вељаноски, иако Собранието имаше рок до недела на полноќ? Собранискиот спикер и должи одговори на јавноста бидејќи е најодговорен за тоа што се ускрати можноста на парламентот да се произнесе дали Вељаноски ќе замине во притвор, или ќе остане на слобода.
Во парламентот како институција граѓанството одамна има изгубено доверба, од причина што таму владеат партиските игри и интереси, а не законите. Деловникот се прекршувал во континуитет, закони се носеле спротивно на волјата на граѓаните, политичките препукувања секогаш биле поважна тема од содржината на законите, но во овој случај Собранието, поточно неговиот претседател, Талат Џафери, ја попречи правдата така што не успеа да се справи со неколкумина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.
Не би навлегувале во тоа кои се мотивите на Џафери, но должност му е да ги објасни своите постапки пред јавноста.
За потсетување: седницата почна нешто подоцна од закажаното со реплики и контрареплики се додека Елизабета Канческа Милевска не побара пауза од еден саат. По завршување на паузата пратениците се вратија на собраниските клупи, но за кратко, во 11.25 минути пауза од еден саат побара и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
За волја на вистината Џафери даде пауза од 15 минути, објаснувајќи дека до 00.00 Собранието мора да се произнесе. По кратката пауза Мицевски и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, посветени на својата задача да ја опструираат седницата се додека не биде пробиен рокот, се побунија и се повикаа на Деловникот барајќи да им се испочитува барањето од еден саат пауза. За да ја смири тензијата Џафери ги повика координаторите на пратеничките групи на консултација.
Пет мунити пред полноќ Џафери направи обид да продолжи со седницата, но беше попречуван од Мицевски кој бараше збор. Џафери му дозволи. Неговиот збор, во кој не кажа ништо ново, траеше до 00.02 часот, по што Џафери ја прекина седницата, а Вељаноски здивна со утеха дека за сега се спаси од решетките.
Зошто Џафери не го употреби собраниското обезбедување да воспостави ред? Зошто му даде збор на Мицевски? Вмровците, кои и овој пат ги злоупотребија механизмите на Собранието за да дојдат до својата цел, се бунеле и претходно и опструирале седници. На пример, при донесувањето на Законот за јазици неколку пратеници му го исклучуваа микрофонот на Џафери, а Груевски ја поли апаратурата со вода, па сепак не обрнувајќи им внимание Џафери овозможи гласање.
Пратениците не можат да одговараат за искажан став и гласање во парламентот, зошто тогаш не беа ниту овој пат искрени кон јавоноста и не гласаа против одземање на имунитетот? Така јавноста ќе беше помалку револтирана, а тие немаше да нанесат толкав срам врз парламентарниот дом, каде си играат долга магарица со демократијата. Вака уште еднаш докажуваат дека не ја заслужуваат функцијата и платата што ја добиваат од доначните обврзници
Вељаноски треба да им каже фала на ДУИ, а богами и Љупчо Димовски чие барање за симнување на имунитетот Џафери како да заборави.