Врз основа на Решението од ДИК за повторување на гласањето на гласачкото место бр. 2011, во општина Теарце, на 25-ти декември 2016 година, Aгенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги известува радиодифузерите дека од вечерва по полноќ, заклучно со 19 часот, на 25-ти декември, важат правилата за изборен молк.
-Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето: какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите; какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите; податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта, велат од Aгенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
За време на изборниот молк, престануваат сите облици на изборно медиумско претставување на учесниците во изборната кампања.