Српскиот политичко-православен портал „Стање Ствари“ објави интервју со универзитетската професорка Иванка Василевска, која е и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, во кое таа вели дека вреди да се разгледа опцијата за сојуз со Србија доколку, како што истакнува, бидеме принудени на федерализација. Тоа предизвика големи реакции во домашната јавност, по што Василевска реагираше дека не се работи за интервју, туку за слободен разговор и академско толкување.
-Во ситуација кога не можеме правно-политички да егзистираме, кога ни се одзема правото на слободно изјаснување, кога не можеме да ја зачуваме националната држава, треба да бидеме отворени за сите опции. Една од опциите е активирање на вториот дел од референдумското прашање од 1991 година(Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверени држави на Југославија?). Во овој момент никој не размислува во тој правец. Но, ако оваа идеја стане реална, други не би ни го дозволиле тоа без крвопролевање. Потребно е на глобално ниво да дојде до договор меѓу големите сили – вели Василевски.
Воедно, таа додава дека му се восхитува на српскиот претседател Александар Вучиќ поради неговата политиката на неутралност, која, според неа, треба да ја практикува и Македонија.
-Јас му се восхитувам на Вучиќ и на неговата политика на неутралност. Тоа е вистински пример како една држава треба да се однесува во меѓународните односи. Штета што Македонија не се раководеше од примерот на Србија. За почеток, ние прво треба да добиеме легална власт, потоа да изградиме функционални институции. Треба да промениме некои работи што не уназадуваат, па дури потоа да одлучиме што понатаму и како да ги сочуваме регионалните и глобалните интереси на нашите народи – посочува таа.
Според неа, поранешниот премиер Никола Груевски згрешил што ја признал независноста на Косово, бидејќи на тој начин, според неа, ја загубила Србија како единствен регионален сојузник.
-Груевски му удоволи на Западот за да има разбирање за некои посебни македонски интереси. Тука ја изгубивме Србија како единствен регионален сојузник кој ја признава македонската нација и македонскиот јазик. Бугарите кажат дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, Албанците дека Македонија е нивна територија, Грција дека не сме Македонци, туку дека псотои од Тито наваму… Признавањето на Косово беше стратешка грешка но морате да имате во предвид дека Груевски го сакаше само најдоброто за својот народ – објаснува Василевска.
Инаку, универзитетската професорка и висока функционерска во најголемата опозициска партија во реакцијата на фејсбук посочи дека изваден од контекст е делот каде вели дека „проектот за независна македонска цркна не заживеа“, објаснувајќи дека мислела не непризнатата црква на Јован Вранишковски, но не ги спореше другите тези.
„Српскиот портал прави целосно извртување на изнесени ставови од академско толкување, ставови кои што не ги задираат македонско- албанските односи. Тоа што не е пренесено е ставот дека не сите соседи на државата се согласуваат на бришењето на македонскиот народ, идентитет, посебност и унитарна држава, потоа дека се работи за академско толкување на идни раздвижувања на светските сили предизвикани од можна федерализација на државата, што не би било можно без воено насилство. Не се пренесени и целосно се извртени и толкување на црковниот спор, при што целосно е лажно пренесен ставот кој што се однесува на заживувањето на ткн. Црква на Вранишковски, а не на Македонската православна црква“, стои во нејзината реакција.