Кирил Ефремовски
Отсуството на принципи и способноста за разликување на лошото од доброто, извитопереното или отсуството на било какво поведение и лична одговорност, во принцип се главните карактеристики кои најмногу влијаат на одржувањето на целокупниот општествен морал. А, тој и личниот и колективниот на овие простори е во постојана ерозија.
Во екстремно испартизирано и политизирано општество како Македонското, претставниците на политичките елити се оние најодговорните за тоа во каква насока се движи општественото поведение на нацијата.
Македонските политичари, наместо да трасираат патеки и повисоки критериуми во насока оставање на примери за повисоко морално поведение кај мнозинството од населението кои се персонифицира со политичката елита, оставаат обратен – негативен пример за тоа какви морални императиви треба да имаат и трасираат.
Еве, земете го примерот на еден од најстарите министри во сегашната Влада – Никола Тодоров. Министерот за здравство Тодоров, иако вели дека има, на дело покажува дека нема морал. Да имаше, Тодоров уште одамна ќе препознаеше вина по „командна одговорност“ заради сите смртни случаи предизвикани од грешки кои во неговиот ресор интензивно се случуваат. И тогаш кога Тодоров вели оти чуствува морална одговорност, ама со ништо не го покажува тоа, тој и понатаму продолжува да му служи токму на неморалот.
Граѓаните знаат дека не е Тодоров оној кој ги напил лекарите во Гевгелија, ниту пак некому му предизвикал сепса после операцијата, поради што потоа пациентот починал, но знаат и дека Тодоров е виновен што менаџерите и директорите кои тој ги поставуваа дозволува во болничките сали и ходници се повеќе пациенти да умираат од сепси и ред други интрахоспитални инфрекции кои пациентите ги добиваат дури се по клиниките.
Во последниот случај со смртта на младата родилка во Гевгелија, освен директната вина на лекарите анестезиолози, подеднкава морална вина имаат и директорот на болницата, кој во град од дваесет илјади жители, наводно, не знаел дека неговите хирурзи пијат на работа, морална вина е и на Лекарската комора на Македонија, кои на пијани анестизиолози на работа, не им одзема лиценци за работа, и на крајот лично Тодоров, бидејќи поставил менаџери и раководители кои очигледно абер немаат од менаџирање. Со примерите кои покажуаат на дело, и Тодоров и директорот на Гевгелиската болница па и ЛКМ, дополнително придонесуваат за се поголемата ерозија на општествениот морал чие отсуство дополнително го руирира ова општество.
Но, дури и тогаш кога се извинуваат политичките варвари на моралот, тоа го чинат ради-реда, про форма, поради се поголемиот притисок од јавноста и очигледот на нивните „дела“. Помина цел еден месец откако поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков беше фатен како нелегално пренесува пиштол во друга држава, по што дотичниот се извини (а, што би рекол премиерот, клетите комунисти ни тоа не го прават). И што ако Мијалков се извини? Што фајде имаме ние како граѓани од тоа што до скоро најмоќниот човек во државата кажал извинете, небаре згазнал некого во метро, за дело кое се казнува по закон? Какво морално и законско поведение е тоа?
Како да го толкуваме тоа што одговорните на аеродромот кои му овозможиле на Мијалков да помине и после месец дена се уште молчат и не кажуваат кои се се одговорни за направениот пропуст при контролите? Знаеме дека директорите на ТАВ како компанија не го пуштиле Саше со непријавен пиштол, туку тоа го сториле одредени вработени, но компанијата е таа која поради сторениот прекршок треба соодветно да ги казни оние кои директно го сториле прекршокот или пропустот.
Зошто одговорните од таму веќе еднаш не кажат кои се одговорните за овој настан? Какво е тоа корпоративно поведение на меѓународна компанија, кога кај населението остава впечаток на интенција на забошотување на сериозен прекршок, прекривајќи ги своите вработени и праќа порака дека и некој следен политички моќник повторно ќе може да се шета со пиштоли со аеродроми?
Се додека единствено политичката одговорност е алфа и омега во кариерата на политичарите, а судот на лидерот се третира како султанска пресуда, дотогаш оние чие поведение треба да биде пример за сите кои ги идеализираат, ќе бидат „оперирани“ од се останато освен последниот збор на шефот.
Колку е поголемо немањето на морална договорност кај политичарите како првенствени репрезенти на лица со беспрекорно поведение и одговорност, дотолку повеќе ќе се зголемува општествена девалвација на сите критериуми, вредности, и идеали кон кои треба да се стремат сите, па дури и ова општество, а обичните граѓани ќе имаат се помало чуство за лична одговорност и морални императиви.