По четири часа преговори заврши денешната средба за спроведување на договорот од Пржино на која во фокусот беше Изборниот законик. Само белгискиот експерт Питер Ванхојте даде изјава и рече дека имале интересна и солидна дискусија и дека постигнале напредок во преговорите околу изборниот процес. Но, додаде дека на партиите е обврската да ги соопштат заклучоците кога тие ќе бидат посигнати.
Како што кажа Ванхојте, до крајот на неделата се очекува на преговарачка маса да се најде повторно прашањето за специјалниот Јавен обвинител, а најави дека средбите ќе продолжат и во наредните месеци, до почетокот на изборната кампања во февруари.
Досега партиите единствено се договорија за активна регистрација на гласачите со цел ревидирање на Избирачкиот список. Далеку се од договор за гласањето на дијаспората и за изборниот систем. СДСМ се залага за една изборна единица, додека ВМРО-ДПМНЕ е за мнозински изборен систем со 17 бонус пратеници за победникот на изборите.