Ванхојт: Помогнете им на вашите деца да не ја бараат иднината на друго место

by Фокус

На последната средба со претставниците на четирите партии одговорни за спроведување на договорот од Пржино, посредникот на Европската комисија Питер Ванхојт, на изненадување на сите, средбата ја почнал со краток, но емотивен говор.

Невладината организација Цивил, чии претставници присуствуваа на таа средба, го пренесоа краткиот говор на Ванхојт:

„Политичари, претставници на медиумите, членови на граѓанското општество, вие сте во срцето на демократијата. Вие сте носители на одговорноста за неа, да ја направите вистинска демократија. Демократија во која граѓаните меѓусебно се почитуваат, каде е дозволено тие да имаат различно мислење. Вечерва, кога сите вие ќе се вратите дома, сите вие би требало да бидете во состојба да им дадете прегратка на своите љубени, да ги погледнете во очи вашите деца или внуци и да кажете: „Денеска, ја следев мојата совест, не подлегнав на притисоци, не прифатив било каков поткуп, помогнав да се изгради вашата иднина, иднина во која не морате да ја напуштите земјата во потрага по пристојна работа, иднина во која луѓето се почитуваат меѓу себе, земја во која луѓето разговараат и се слушаат меѓу себе, без оглед на нивното потекло, накратко, земја која ги следни европските вредности“, рекол Ванхојт.

Преговорите во Клубот на пратениците продолжуваат в понеделник.

Поврзани новости