Поранешниот европски посредник во преговорите, Питер Ванхауте на својот блог објави своја анализа за изборите и за можните сценарија во формирањето на новата влада.
Ванхауте во текстот му посочува на ВМРО-ДПМНЕ дека нивната победа е всушност тежок пораз и го советува лидерот да го предаде мандатот и да остави „вистинските победници да формираат влада”
– По изборите од 11 декември, никој во Македонија нема апсолутно мнозинство, дури и партијата која се однесува како да има, не, нема! Уште полошо: партиите кои во изминатите години формираа влада изгубија голем дел од поддршката, вкупно 19 пратенички седишта. Во нормални демократии, ова не би се сметало за победа туку за голем пораз – сериозна изборна казна. Како резултат на тоа, ќе се повлечеш и ќе оставиш вистинските победници да формираат влада. Затоа што никој нема апсолутно мнозинство, ќе можеш само да се обидеш да формираш мнозинство со други партии. Тоа значи дека треба да бараш коалициони партнери, кои ќе сакаат да ти се придружат и да формираат мнозинство- пишува Ванхауте.
Во трката за формирање влада, белгискиот експерт им порача на партиите да внимаваат со кого коалицираат.
-Конкретното прашање во Македонија е: дали сакате да формирате влада со партија која им се заканува на граѓаните, која повикува на линч на луѓе кои имаат различно мислење или која е сведок на неправилности во изборите, која врши притисок на институциите, не дозволувајќи им нормално да функционираат? Која ви е гаранцијата дека оваа партија нема да ви се заканува на некој начин откако ќе формирате влада?- пишува Ванхауте.
Според него, најдобро решение е по ваквите изборни резултати најголемата партија да замине во опозиција.
-Значи ли дека најголемата партија треба да отиде во опозиција? Да, тоа е сосема возможно. Опозицискиот лек вообичаено е здрава вежба за скромност и ви овозможува добро да размислите за своите позиции- порача Ванхауте.