Валандовскиот градоначалник Перо Костадинов во петок ќе се најде во улогата на диџеј и ќе има свој музички сет во локал во Миравци.
Станува збор за хуманитарна забава, а средствата од влезниците, кои ќе се продаваат по симболична цена од 60 денари ќе бидат наменети за потребите на Дневниот центар – Валандово.
-Од овој петок (5-ти април) започнуваме со нов проект, со цел да придонесеме кон подобро општество за сите. Ќе се обидеме да ги поттикнеме сите чинители во нашата држава да се приклучат во креирање на општество со кое би се гордееле сите. На наша покана дел од вечерта музика ќе пушта Перо Костадинов, градоначалник на Валандово – информираат од „Парис Кафе”, Миравци, каде ќе се случува хуманитарниот настан.
-На покана на „Парис Кафе” симболично ќе пуштам музика и драго ми е поради идејата за овој настан, од каде собраните средства ќе се донираат за Дневен центар за лица со попреченост – Валандово. Целта е да се набават реквизити за работа кои го потпомагаат целокупниот психомоторен и сензорен развој на децата. Секогаш поддржувам вакви иницијативи кои треба да ја подигнат свеста кон едно похумано, поемпатично и поинклузивно општество. Затоа, апелирам, да бидеме хумани и да ја искористиме секоја прилика за да помогнеме некому. На крајот на денот, тоа е единствено важно. За време на мојот сет, планирам да пуштам ретро балканска музика – изјави за „Фокус” градоначалникот. Валандовчани ја дочекаа идејата за настанот со воодушевување и го поздравуваат потегот на Костадинов.
Според коментарите на социјалните мрежи, тој е одличен пример за тоа како еден државен функционер треба да се однесува и неговата приземност, достапност и хуманост добија пофални зборови.
Вики Клинчарова