Лидија и „Ориентал бенд” со нов проект: Успешен настап е тој кога публиката ќе се крене на нозе!

by fokus

Веќе седум години во Тиквешијата не може да помине свадба, крштевка или било каква забава без „Ориентал бенд” и нивната вокалистка Лидија Паскова.

Оние кои им биле на настап во ресторан или пак на некоја приватна свеченост, без двоумење ќе ги опишат како бенд кој носи неверојатна позитивна енергија на сцената, и сите седум членови на бендот за време на настапот стануваат така синхронизирани, што публиката буквално ја оставаат без зборови, но и умеат спонтано да ја кренат на нозе.

За себе велат дека на нивниот репертоар нема што нема – Од Силвана (Арменулиќ) до „Нирвана”, се со цел публиката да се расположи и да остават убави спомени, по кои ќе се памети забавата. За овие изминати години, откако функционираат заедно, свиреле на над 500 свадби. Нивните албуми се преполни со фотографии од расположени младенци, а честа практика на настапите, поради веселата атмосфера е дури и гостите да се фатат за микрофонот.

Вокалистката Лидија, која е присутна на сцената повеќе од една деценија, јавноста ја памети уште од времето кога беше дел од култната група „Багаж” и настапуваше заедно со сега покојниот Трајко Каров. За „Фокус” раскажува дека и е драго што се пронашла во „Ориентал бенд”, и како со поддршката на момците од бендот добива посилен елан, за да ја преточи енергијата кај слушателите.

-Приказната со „Ориентал бенд” започна спонтано, но нашата публика секогаш знае да ја препознае искрената емоција кај изведувачите. Зад себе имаме стотици приватни забави, над 500 свадби, настапи во локали, учества на фолк фестивалите Валандово и Роса Фест… Тоа што живееме во Тиквешијата воопшто не ни е проблем да се вклопиме во големата слика на нашата национална сцена, полека, но сигурно одиме напред. Деновие снимивме три нови авторски песни, кои ќе добијат и видео записи за кратко време. Среќни сме што го имаме нашиот клавијатурист Никола Дафов – Дафе, кој е комплетен автор на повеќето наши песни. На една од новите песни, како аранжер се јавува и нашиот гитарист Ристе Бунаров, останува да видиме како ќе бидат прифатени новите песни од публиката, и искрено се надеваме дека ќе останеме доследни на нашиот стил, дека ќе ја оправдаме довербата која ја уживаме од народот – раскажува Паскова.

Таа живее во Неготино со сопругот и со синчето, кое нема ниту една година. Само еден месец по неговото раѓање им се врати на настапите, и вели дека секогаш кога ги ангажираат на некоја приватна забава, за нив е голема чест, па се трудат да го дадат максимумот од себе.

-Венчавме многу парови до сега, планираме да продолжиме додека не држи глас. Секогаш ни е чест кога застануваме на сцената, кога знаеме дека некој чека од нас да направиме бум на неговата свадба. За тоа и сме створени, друго не знаеме и не не интересира. И навистина, на секој музичар треба да му биде чест кога некој ќе се одлучи токму тој да му ја направи забавата незаборавна, па затоа на сите настапи пееме и свириме од срце. Очекуваме со новите авторски песни уште повеќе да се приближиме кон нашата публика, бидејќи се што сме постигнале како бенд, популарноста, поканите за настапи, успешните забави, сето тоа и го должиме токму на публиката – изјави Паскова.

Вики Клинчарова

Поврзани новости