Тројцата пратеници во Европскиот парламент, Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едвард Кукан, кои посредуваа при постигнувањето на Договорот од Пржино на 15 јули минатата година во Република Македонија, ја изразија својата длабока загриженост за развојот на настаните во Скопје и ги повикаа сите главни политички партии во Македонија да работат заедно во интерес на граѓаните и да се вратат за своите обврски од пржинскиот договор кој според европратениците е единствениот начин за надминување на кризата, објави МИА.
– Ние сме длабоко загрижени од последниот развој на настаните во Скопје и не можеме доволно да ја искажеме важноста дека главните политички партии треба да останат посветени на Договорот од Пржино. Договорот мора целосно да се почитува, вклучително и обврските поврзани со заштита и засилување на владеењето на правото во земјата и да се обезбеди дека ќе се одржат кредибилни предвремени парламентарни избори – се наведува во заедничкото соопштение.
Тројцата европратеници, во продолжението наведуваат дека веруваат оти декларацијата на претседателот Иванов за сеопшта аболиција на сите осомничени што се инволвирани во скандалот со прислушувањето може само да го поткопа владеењето на правото и да се зголеми чувството на неказнување меѓу тие што се под истрага или се обвинети од Специјалниот обвинител.