Вршителот на должноста градоначалник на Дебар, Еуген Цами преку официјално писмо упатено до Министерството за локална самоуправа и Државниот инспекторат за локална самоуправа бара инспекциски надзор во општината.
Во своето писмо до одговорните институции, тој наведува дека е незадоволен од начинот на функционирање на Советот на општината, поради што е принуден да побара инспекциски надзор за „незаконските одлуки што се донесени за негово наводно разрешување, како и други одлуки донесени од Советот надвор од законските одредби“ .
– На ваков чекор се одлучив бидејќи одлуките кои Советот ги донесе за мое разрешување и избор на нов вршител на должноста се незаконски. Во ниту еден законски акт не е предвидено такво нешто. На ова функција јас сум привремено, се до спроведување на избор за градоначаланик, што ќе биде во април. Од декември кога бев избран со најголема одговорност и максимално совесно ја извршувам функцијата. Градоначалник сум на сите граѓани без разлика на национална, верска или партиска припадност – изјави Цами за МИА.
По куса, но жолчна расправа на спротвставени мислења, со осумте гласови на советниците на ДУИ, СДСМ и ПЕИ, без присуство на советниците од Беса, Алијансата за Албанците и ВМРО ДПМНЕ, кои ја напуштија седницата, на 17 јануари Советот на општина Дебар за вршител на должноста градоначалник го избра Хекуран Дука, советник на ДУИ.
По смртта на градоначалникот Ружди Љата, Цами за в.д.градоначалник беше избран на седницата на 10 декември со гласовите на Алијансата за Албанците, Беса, ВМРО ДПМНЕ и ПЕИ.