Голем пожар во семејна куќа синоќа пред полноќ ги вознемири неготинци. Поради опасноста од пламените јазици целиот град остана без електрична енергија, а по локализирањето на пожарот и негово целосно гасење, од куќата на 60-годишната Виолета Донева не остана речиси ништо.
Целосно изгорена кровна конструкција, оштетени ѕидови, уништена покуќнина, поплавени подови од водата со која се гасел пожарот. Како дошло до ова, за ,,Фокус” раскажува ќерката на Виолета, Благица Делкова, која се уште не може да се смири од настанот.
Според зборовите на младата жена и мајка, пожарот бил подметнат од страна на нејзиниот чичко, кој и во минатото во неколку наврати се обидел да ја запали куќата, која е братска, и во која покрај Виолета, која живее сама откако починал нејзиниот сопруг, а брат на пироманот, живее и неговиот син.
-Синоќа, во доцните часови се случи тоа од кое со години наназад стравувавме. Чичко ми, човек познат на надлежните институции како алкохоличар и пироман, ја запали куќата на мајка ми, додека таа беше внатре. Куќата е братска, во едниот дел живее неговиот син, во другиот мајка ми. За проблемите со него, запознати се сите институции. Тој помина подолг период во Јавната здравствена институција Негорци, токму поради заканите за подметнување на пожар, но и поради помали пожари кои ги предизвика во минатото.
Алкохоличар е, беше пуштен од Негорци околу новата година, по три години поминати таму. Во овие неколку месеци откако живееше во куќата, самиот постојано се јавуваше во полиција, но и во противпожарната служба и се закануваше дека ќе пали. Доаѓаше полицијата повеќе пати, ќе разговараат со него, па ќе си одат.
Ние живеевме во постојан страв, бидејќи се работи за лице кое не може да функционира самостојно, потребно му беше постојано згрижување во соодветна институција и тоа беше толку очигледно. Истиот во неколку наврати влегуваше во јавни установи, во канцеларии на службенички, им бараше пари, и им се закануваше дека ќе ги запали ако не му дадат, на пример, 20 или 50 денари. Никој од надлежните каде се пријавувани овие случаи не го сфати сериозно!
Разговарав со лица од полицијата, од пожарната, јавно прашувам зошто не беше пак вратен во Негорци или во друга соодветна институција – раскажува Делкова.
Вели дека ноќта по настанот мајка и ја поминала во Итната служба на ЈЗУ Неготино, поради голем шок. Нема повредени во пожарот, бидејќи жената на време излегла надвор, а синот на пироманот во тоа време бил на работа.
-Моите деца многу често преноќуваат кај мајка ми, која е сама откако почина татко ми, пред десет години. Исто така, таа пие лекарства, па се прашувам што ќе се случело доколу од лекарствата потонала во длабок сон, доколку и моите деца биле кај неа синоќа? Живи ќе изгореле!
Како што раскажува мајка ми, првин слушнала звуци на таванот. Помислила дека можеби се качиле мачиња, но потоа започнал да се шири чадот. Кога излегла надвор, огнените пламени веќе букнале, ми се јави целата испаничена, излегоа и соседите. Веднаш знаевме дека чичко ми стои зад пожарот. Дојде противпожарната единица, започнаа со гасење на пожарот, се започна да се трага по чичко ми, но синоќа не беше најден од страна на полицијата.
Утрово, соседи ми кажаа дека во целата таа паника и страв да не се прошири пожарот и на околните куќи, ноќта го забележале како ладнокрвно стои на улица и го снима пожарот со мобилниот телефон, а потоа заминал во непознат правец. Денес се вршеше увид од страна на надлежните служби, од МВР ми кажаа дека е најден и задржан во полиција. Што ќе се случува понатаму со него, не знаеме, јавно апелираме да не се дозволи пак да биде пуштен на слобода бидејќи само прашање на време е кога ќе го повтори делото! – вели вознемирената жена.
Се присетува дека уште додека бил жив татко и, од страна на чичкото пироман имале закани дека ќе ги запали, а имало и неколку негови обиди да подметне пожар. Сериозно бил сфатен од институциите кога пред повеќе години во ЈЗУ Неготино го запалил душекот на болничкиот кревет.
-По тој настан, тој веќе беше регистриран како пироман, и беше згрижен во институција. Но, ќе го згрижат, ќе поседи некое време таму, па пак ќе го пуштат. Не знам како никој не ја сфати сериозноста на ситуацијата, како никој не процени дека тој нема да запре, и самиот постојано кажуваше дека ќе пали. Сега, мајка ми е кај мене, бидејќи штетата на нејзината куќа е огромна, внатре не може да се живее.
Потребни се големи финансиски средства за да може да се среди и пак да се живее во неа. Кој ќе превземе одговорност? До кога ќе живееме во страв за нашите животи, за колку време пироманот пак ќе биде пуштен на слобода? Зошто службите кои беа запознати со неговата состојба не реагираа не време и дозволија да се случи ова? –прашува Делкова.
Од СВР Велес за ,,Фокус” кратко потврдија дека едно лице е приведено во врска со пожарот во семејна куќа во Неготино. Повеќе детали најавија за утрешниот ден.
Вики Клинчарова