Утрешниот протест го организираат граѓани кои протестираа пред „Железара“, апелираат партиите да стојат на страна

by fokus

Со почеток во 13.00 часот утре пред Собранието ќе се одржи мирен протест против загадувањето, а предвидена е и мала рута на демонстрантите до Владата. Организатори на протестот се граѓани кои пред четири години протестираа пред фабриката „Железара“, со барање да се реши проблемот со филтрите.

Кристијан Узунов, од иницијативата која стои зад протестот, денеска во прес конференција за медиумите испрати апел до партиите да не го користат протестот за свои цели.

– Револтирани сме и загрижени за состојбата на воздухот. На утрешниот протест добредојдени се сите загрижени граѓани кои ќе можат преку конкретни предлози да помогнат да се изнајде решение. Апелираме до власта и опозицијата да не го користат протестот за свои цели. Однапред се оградуваме од обиди да се злоупотреби протестот во друг контекст – рече тој.

Активистите посочуваат дека институциите се уште се обидуваат да ги лоцираат главните загадувачи, иако до сега, велат, проблемот требаше да биде решен.

-Имавме можност да се увериме колку се институциите спремни да се справат со оваа алармантна состојба. Протестот е да се избориме за здрава животна средина. Ние сме само група на загрижени граѓани, не сме поддржани од партиите. Пред четири години имавме мала поддршка од граѓаните, но свеста тогаш не беше на ова ниво денес. Одѕивот беше мал и затоа сме сега најзагаден гад во светот. Може луѓето се умориле од штракање по фејсбуци и ќе излезат на протест – рече Узунов.

На утрешниот протест граѓаните ќе ги искажат и своите барања до властите. Тие бараат свикување на итна седница на Владата на која ќе бидат вклучени експерти на граѓанскиот сектор во контрола на големите загадувачи. Тие исто така бараат подолго да траат краткорочните мерки против загадувањето, а не само два до три дена.

 

Поврзани новости