Граѓаните над 60 години, здравствените работници и лица со имунолошки болести, од утре ќе можат да примат трета доза вакцина против ковид 19, потврди денеска министерот за здравство Венко Филипче.
-Граѓаните над 60 години согласно временскиот период после примената втора доза на вакцина ќе добијат порака да се вакцинираат, притоа таа порака ќе биде потсетување во смисла дека нема посебен термин или пункт, може да одат каде било најблиску до местото на живеење. И понатаму ќе функционира пунктот во салата „Борис Трајковски“,во сите други поликлиники тука во Скопје и ширум државата – рече Филипче.
Воедно, тој додаде дека скринингот во училиштата најверојатно ќе започне за две недели.
-Ќе започнеме со обезбедување согласност од родителите и понатаму ќе ја презентираме и методологијата. Јас верувам дека припремата во текот на следнава недела ќе заврши и дека од таа недела потоа ќе го започнеме процесот на тестирање. Целта е да се откријат евентуални асимптоматски носители на вирусот, знаејќи дека децата се најчестите асимптоматски преносители на вирусот – рече Филипче.