Според договорот од Пржино утре истекува крајниот рок за постигнување договор за изборниот пакет. Досега за ниту едно од спорните прашања не е постигнат договор, како ќе гласа дијаспората, како да се прочисти избирачкиот список, како и за составот и надлежностите на Државната изборна комисија.
Работните групи имале средби и вчера, но претставниците на четирите политички партии и натаму се на различни позиции по речиси сите прашања. Останува да се види дали и оваа проблематика, како и изборот на специјалниот јавен обвинител, ќе се реши во последен момент, под притисок на посредниците амбасадорите на САД и на ЕУ Џес Бејли и Аиво Орав и белгискиот експерт Питер Ванхојт.
Прашањето за прочистување на избирачкиот список преку активна регистрација, иако се чинеше дека е договорено, во последен момент претставниците на ДУИ и на ДПА не се согласија со тоа. Ревизијата на Избирачкиот список и натаму останува отворено. Единствено за што партиите се согласни е регистрацијата на гласачите да се проверува со отпечаток од прст како можност да се избегнат сите изборни нерегуларности.
За составот на Државната изборна комисија веќе било договорено да има девет члена, но нема договор за зголемената надлежност на ДИК околу Избирачкиот список, како и околу тоа кој да одлучува по жалбите за изборите.
Како ќе гласа дијаспората е прашање за кое има најголеми разлики. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се за тоа дијаспората да го има правото на глас, а СДСМ смета дека иселениците не треба да гласаат или да гласаат според поинакви правила од актуелните.