За вториот круг на претседателските и за парламентарните избори зголемен е бројот на пријавени болни и немоќни лица, кои утре ќе ги посетат членовите на избирачките одбори за да гласаат во домашни услови.
Од Државната изборна комисија велат дека утре за претседателските избори ќе гласаат 11.123 болни и немоќни лица, а за парламентарните избори бројката е поголема за 102 избирачи или ќе гласаат 11.225 болни и немоќни лица.
Претседателот на Општинската изборна комисија (ОИК)-Штип, Виктор Вацев вели дека и во Штип бројката за двојните избори е зголемена за 50 болни и немоќни лица, со што утре во домашни услови ќе гласаат 208 лица.
Тој посочува дека на 8 мај на избирачките места ќе има две гласачки кутии, едната за избор на нов претседател, а втората за избор на пратеници. Гласачите ќе имаат право само еднаш да пристапат до избирачкото место.
– Членовите на избирачкиот одбор се должни да го прашаат секој избирач, дали сака да гласа за парламентарните или за претседателските избори или пак сака да гласа за двата вида избори и при тоа да му укажат на тоа дека има право само еднаш да пристапи на избирачкот место, појаснува Вацев.
На 8 мај, на вториот круг од претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 избирачи, додека на парламентарните избори 1.815.350 избирачи. Разликата во гласовите е 1033, генерално поради граѓани кои стекнуваат полнолетство. Во посебните изводи од Избирачкиот список за лица кои поднеле пријава за гласање во дипломатско конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии се запишани 2.569 избирачи, а во затворите или во притвор 2.147 избирачи. Запишани се и 534 избирачи згрижени во установите за вон семејно згрижување, а во Избирачкиот список запишани се и две внатрешно раселени лица.