Усвоена препораката: Задолжителен ПЦР тест за влез во земјите од ЕУ, постои можност и за карантин

by Fokus

Советот на ЕУ денеска ја усвои препораката со која на лицата кои патуваат од трети држави во ЕУ за било која причина, им се бара негативен ПЦР тест не постар од 72 часа.

Препораката подразбира и можност на воведување на самоизолација, карантин и следење на контактите на овие патници и тоа во период до 14 дена.

Од Советот на ЕУ нагласуваат и дека карантинот и дополнителните испитувања по влезот во ЕУ мора да се применува посебно на патници кои доаѓаат од трети земји во кои е откриен некој нов загрижувачки вид на ковид-19.

Според новите правила, ЕУ ќе ги укине ограничувањата за патување за оние земји кои немаат повеќе од 25 нови случаи на ковид-19 на 100.000 жители во рок од 14 дена, кои имаат стабилен или опаѓачки тренд на нови случаи, повеќе од 300 тестови на 100.000 жители во претходните 7 дена со не повеќе од 4 отсто позитивни тестови.

Ограничувања на патувања во ЕУ повторно ќе бидат воведени за оние земји каде епидемиолошката ситуација се влошува, а особено кога ќе се откријат нови видови на коронавирусот.

Од Советот на ЕУ нагласуваат дека оправдани патувања заради нужни причини и понатаму ќе бидат дозволени.

Извор: Блиц.рс

Поврзани новости