Собранието денеска го усвои Законот и заштита од дискриминација, откако во петокот беше исцрпена расправата. За Законот гласаа 52 пратеници, тројца беа воздржани, а против немаше.
Со оглед дека Законот се носи со т.н бадентерово мнозинство, за него гласаа 13 од 20 присуни пратеници кои се припадници на немнозинските заедници, против немаше, а еден беше воздржан.
Расправата по Предлог-законот за антидискриминација, кој е со европско знаменце, мина во спротивставување на ставовите на власта и опозицијата во однос на придобивките од ова законско решение, колку тој е во функција на заштита и унапредување на правата и слободите на граѓаните, наспроти заштитата на традиционалните вредности.
За власта законот е европски, демократски, со него се унапредуваат човековите права и слободи по сите основи, за опозицијата со него се отвора можноста за редефинирање на категоријата семејство, бришење на бракот како заедница на маж и жена, нови критериумите за посвојување и нови курикулуми во училиштата.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска пред пратениците појасни дека станува збор за законско решение со кое се почитуваат европските и меѓународните стандарди за заштита на граѓаните од секаков вид дискриминација.
-Опфатени се сите основи за дискриминација, а со него се воспоставуваат и ефикасни механизми за заштита, рече Царовска и додаде дека прв пат се овозможува работа на експертска комисија за заштита од дискриминација.
Согласно законското решение се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.
Законот претходно беше во собраниска процедура во редовна постапка, но беше „заглавен“ осум месеци, по што Владата го повлече и го препрати со европско знаменце по скратена постапка.