„Уставните измени можеби се болни, но се неопходни“

by Fokus

Парламентот и Владата да направат сѐ што можат да ја вратат Македонија на европскиот пат.

Ова е пораката што денеска ја упати претседавачот на Комитетот за надворешна политика на Бундестагот и поранешен државен министер на Германија за Европа, Михаел Рот.

Според него, враќањето на патот значи дека уставните измени можеби се болни, но на крајот тие се неопходни.

Пред почетокот на конференцијата „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарна дипломатија“ Рот кажа дека е неопходна поголема амбиција за пристапните разговори.

– Сакам да ги мотивирам моите колеги овде дека вреди да бидат повеќе ангажирани во борбата против корупцијата, за независност на судството, за зајакнување на владеење на правото и на демократска култура во оваа земја. Но, неопходните реформи не се обврска само на Владата туку и на пратениците – изјави Рот.

На новинарско прашање за измените во кривичниот законик, рече дека сега не е време за меѓусебни уценувања.

– Јасните очекувања од Европската Унија, бидејќи ние сме Унија на заеднички вредности, ние сме повеќе од единствен пазар, е дека сите земји кои сакаат да ѝ се приклучат на Унијата мора да ја продолжат борбата против корупцијата. Не сакам да одам во детали, слушнав гласини за аменстија и слично, мислам дека политичарите овде треба да размислат за тоа дека сега зборуваме за уставни измени и вклучување на бугарското малцинство и други прашања, кои се резултат на многу долги, интензивни и контроверзни преговори со ЕУ, особено со Бугарија. Мојата главна цел е дека треба да ги забрзаме преговорите меѓу ЕУ и Македонија бидејќи Македонија заслужува членство во ЕУ што е можно поскоро – изјави Рот.

Поврзани новости