Утре премиера на претставата „Дримкечер“ – да продадеш еден сон за да оствариш друг

by fokus

Утре во 20 часот во Кино Фросина – МКЦ ќе се одржи премиерата на претставата „Дримкечер“ во во продукција на Скоро Театар Скопје. Претставата е во режија на Виктор Бужаров и Натали Спасова според драмскиот текст напишан од Натали Спасова. Играат Сара Климовска, Хари Михајловски, Тамара Ристоска и Стефан Петровски.

„Дримкечер“ е дистописка театарска претстава што ги следи соништата на четири млади улични музичари, кои постојат во свет каде што се’ е ограничено, но во исто време, се’ е достапно и е на продажба.

Во оваа иднина (дали е навистина иднина?) каде креативноста и автентичноста се истрошени, светот бара нови методи за да ја задоволи ненаситноста и вечната глад на публиката. Водени од идеологијата на конзумеризмот, соништата на поединецот се сведуваат на обична трансакција каде што мораш да продадеш еден сон за да оствариш друг.

Претставата е делумно финансирана од Министерство за култура, а процесот на подготовка се одвива во Прага, со помош на D Theater и Culture Moves Europe. За потребите на оваа претстава се користи зелен транспорт и се изработени музички инструменти од отпад со цел да се намали конзумеризмот од страна на ирскиот музичар Деклан Гакиен, кој исто така е и композитор на музиката за претставата.

Графичкиот дизајн за потребите на претставата е изработен од Стефан Петровски.

– Драмата „Дримкечер“ ја напишав за време на Ковид, колку и клише да звучи тоа. Иако темата не е никако поврзана со Ковид, состојбата од која што тргнав беше слична како онаа во претставата: светот изгледаше исто но толку различно, тотална дистопија предизвикана од само еден настан, едно нешто што е променето. Ретко кој автор има шанса да го види своето дело изведено точно онака како што го замислил, но со тимот на извонредни артисти со кои работев од самиот почеток бевме на иста бранова должина. Имавме фантастичен процес во кој имаше огромна колегијалност, разбирање, почит и пред се’, добра атмосфера и професионалност. Покрај големиот талент, можам слободно да кажам дека се и прекрасни луѓе, и овој процес ќе остане засекогаш запаметен како еден од најдобрите процеси во мојот живот, изјави Натали Спасова, драматург и ко-режисер на проектот.

Билети за претставата може да се набават на веб страната на МКЦ или во билетарата на МКЦ.

Поврзани новости