Уставниот суд ќе расправа за ДУП И10 во Аеродром

by fokus

Уставниот суд на Република Македонија на денешната седница треба да расправа за претставките поднесени против ДУП И10 во Општина Аеродром.

Од Општината велат дека ги имаат доставено сите потребни документи и  оти понатаму ќе постапува согласно одлуката на судот.

– Претходното општинско раководство, предводено од ВМРО-ДПМНЕ, го донeсе ДУП И10 тајно и без дебата и директно ја овозможи изградбата на зградата кај Мајчин дом. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои пред само една година го изгласаа спорниот ДУП, на денешната 15-та седница на Советот на Општина Аеродром побараа негова ревизија и мораториум, се наведува во соопштението од Општина Аеродром.

Оттаму посочуваат дека Општината, како што на неколку наврати најави градоначалникот Златко Марин, веќе работи на интерна ревизија на ДУП И10. – Во рамките на овој процес Општината ги прегледа и достави до Уставниот суд сите потребни документи поврзани со овој случај. Општинската администрација до Советот ќе достави писмен извештај за сработеното, додаваат од Општината.

Во однос на мораториумот за градење, Општина Аеродром останува на ставот дека тој воопшто нема да го реши проблемот, туку само дополнително ќе ја искомпликува целата состојба.

-На сметка на ова Опшината може да трпи и финансиски штети, што значително ќе се одрази врз работењето и е спротивно на интересите на граѓаните. Мораториумот не му го одзема правото на сопственикот да гради, не го оспорува носењето на ДУП-от и не влијае врз маркицата за градба. На овој начин само се блокираат сите други неспорни градби и тековни работи во Општината, се наведува во соопштението од Општина Аеродром. 

Поврзани новости