Уставен на есен, по изборите ќе одлучува за членот по кој се товарат поранешни функционери

by Frosina Fakova

Уставниот суд одлучи по одморите да одржи подготвителна седница за оценување на уставноста и законитоста на членот кој предвидува казна затвор од минимум пет години за функционери кои го оштетиле буџетот со јавни набавки, односно за членот 353 став 5 за која се товарат поранешни функционери во случаите на поранешното СЈО.

Иако оваа иницијатива адвокатот на дел од обвинетите во случаите на СЈО, Еленко Миланов ја поднесе уште пред две години и одлучувањето за оваа иницијатива еднаш беше одложено, Уставните судии денеска одлучија пред да ја оценат, да повикаат експерти.

Од Уставниот суд велат дека од септември месец ќе се одреди време за организирање на подготвителната седница со експерти, по што ќе одлучува по иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Член 353 став 5 од Кривичниот законик, кој предвидува казна затвор од минимум пет години за функционери кои го оштетиле буџетот со јавни набавки.

– Првата точка се одложи за после одморите, кога ќе има подготвителна седница каде ќе се викнат гости од науката и струката за да се решат некои спорни правни прашања по однос на член 353 став 5, брифираат од Уставниот суд.

Евентуалното укинувањето на одредбите би значело застарување и спас за многу обвинети поранешни функционери.

Уставниот суд, како втора точка, ја разгледал и иницијативата за оценување на уредбата со законска сила за финансиска подршка на граѓаните и вработените лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање домашна платежна картичка намената за купување на македонски производи и услуги за време на вонредна состојба и уредбата за прашања поврзани со изборниот процес, но одлучено е да не се поведе постапка по оваа точка.

Уставниот суд на денешната седница разгледа повеќе иницијативи за оценување на неколку уредби со законска сила, но нема други интервентни постапки.

 

Поврзани новости