Текстот е објавен на 29 јули 2011 во неделникот „Фокус“ во двобројот 839-840
Пишувала
Мирослава СИМОНОВСКА
Несоборлив доказ дека не е скината папочната врвца меѓу македонските институции под водство на ВМРО-ДПМНЕ и американскиот политички аналитичар Џејсон Мико, претставува уште еден договор за нивна меѓусебна соработка, до кој дојде ФОКУС, инициран во 2001 година.
Овој пат станува збор за консултантски услуги што Мико ги давал за Министерството за финансии, на чело со Никола Груевски. Сумата е “посолена” од 7.500-те долари што Мико ги спечалил во 2006 година, за да дели совети во предизборната кампања за ВМРО-ДПМНЕ, кога “амин” и потпис му дала секретарката на партијата Гордана Јанкулоска.
Во договорот од 18 април 2001 година, кој е предмет на нашава анализа, Мико, како лобист, се обврзал, под закрила на корпорацијата „Барбур Грифит енд Роџерс” (БГР) да ги застапува интересите на македонската Влада, односно на Министерството за финансии, водено од Никола Груевски. Мико негира дека договорот се однесувал на лобирање специјално за Груевски, напоменувајќи дека работниот план и стратегија, фирмата БГР ги изработувала за целата влада.
Според неговите кажувања, „Барбур Грифит енд Роџерс” не се занимавала со застапување на интересите на поединци. Сѐ на сѐ, нејасно е зошто договорот за лобирање “Барбур Грифит енд Роџерс” го доставиле да го потпише токму Груевски, кој во тоа време се наоѓа на чело на Министерството за финансии, ако истиот се однесувал на стратегии за целата влада!?
За ова, самата корпорација наплатила, а нашето Министерство исплатило, месечен надомест од 30.000 долари. Повторно, во папирологијата, како единствен странски субјект е наведено македонското Министерството за финансии. Договорот траел од април до септември 2001 година, што значи дека од касата на Министерството за финансии се одлеале 270.000 долари за девет месеци за лобирање во САД.
Кога побаравме од Џејсон Мико, да ни објасни зошто во 2001 година платата му била многу повисока од онаа во 2006 година, за речиси истите услуги на лобист во САД, тој не упати да се обратиме во фирмата БГР, затоа што таа го склучувала договорот, а тој бил само вработен. Имено, фирмата располагала со кадар на консултанти кои работеле долги години во администрацијата на Роналд Реган, а некои членови долги години работеле во американската влада. Од целата сума од 270.000 долари, тврди Џејсон Мико, тој добил само дел, односно хонорар, чија висина, нормално, останува доверлива информација!
УСПЕСИТЕ НА АМЕРИКАНСКИОТ ЛОБИСТ
Прашањето кое само по себе се наметнува, а кое му го поставивме и на Мико, се однесува на тоа, кои биле неговите најголеми постигнувања додека работел како член на лобирачкиот тим на „Барбур Грифит енд Роџерс”, а кои придонеле за Македонија? Со оглед на профилот на лобисти кои таму функционираат, достигнувањата би требало да се очигледни, поради нивните веќе создадени контакти и врски со Вашингтон и владата.
Мико одговара дека за да се исплати лобирањето, потребно било подолго време. Неговите верувања се дека голем дел од работата што ја завршиле со БГР резултирала со тоа Џорџ Буш да ја признае нашата држава под уставното име во 2004 година!!!
Секако, за тоа, според Мико, придонела и владата на Македонија, заедно со различни групи од дијаспората, амбасадорот во Вашингтон и други поединци. Сите тие, заедно со него, ја информирале и ја едуцирале американската влада да ги почитува интересите на Македонија.
Она што е навистина чудно е фактот дека договорите меѓу Американецот Џејсон Мико и ВМРО-ДПМНЕ ги пронајдовме на американски веб-сајт, каде јасно е наведено дека сите податоци се транспарентни и подложни на јавен елаборат. Владините институции во Македонија просто не ја познаваат американската пракса за јавна експозитура и не ги поставуваат на очиглед документите кои ја тангираат македонската јавност, а кои се однесуваат на лобирањето во странство. Цифрите и договорите остануваат тајна.
Така, не добивме одговори на прашањата кои ги упативме во Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, директно до одговорното лице Илија Димовски, од кого баравме објаснување за работата и соработката на партијата со Џејсон Мико.
Дилемата, дали Мико, политички аналитичар кој пред македонската јавност се претставува како независен интелектуалец, е член на ВМРО-ДПМНЕ, е расветлена. Одговорот е негативен. Како што се произнесе, тој бил регистриран Републиканец во Прима Каунти во Аризона. Сепак, на годинешните предвремени парламентарни избори, во неколку наврати јавноста можеше да го забележи како се обраќа од говорниците на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму му порачуваше на електоратот да ги поддржи реформите на Никола Груевски!
Но, да се вратиме на договорот. Во него се наведени главните задолженија, кои фирмата „Барбур Грифит енд Роџерс” прифатила да ги спроведе. Недоволно прецизно е наведено дека “БГР ќе направи глобална стратегија и план за претставување на Македонија пред различни владини претставници и поединци, за да се подобрат односите со САД и Европа, како и да се основаат бизнис врски во индустријата за информациски технологии и комуникации”.
На македонската јавност, исто како и на Џејсон Мико, кој е споменат како ангажирано лице за лобирање во странство, не и е познато што значи тоа „да се основаат бизнис врски во индустријата за информациски технологии и комуникации”. Упатувањето да се обратиме до БГР за подетални информации околу ова прашање, всушност, значи дека единственото споменато лице во договорот – Џејсон Мико, не беше во можност подетално да објасни што таа „гранка” претставува и каде се тука бенефитите за Македонија!
НЕ СЕ ШТЕДЕЛО И ВО ВРЕМЕ НА ВОЈНА
Покрај “основните” 30.000 долари месечно, министерството за финансии се обврзува да плаќа и бизнис трошоци поврзани со работата на субјектите, и тоа: административни трошоци во вредност од 3.500 долари месечно, за телефонски разговори во странство, фотокопирање, интернет услуга, факсови, оброци, забава и локален превоз.
Делот „забава” не е специфично објаснет, но веројатно се работи за покривање на трошоците во слободното време на консултантите, или пак можеби за промотивните собиранки на видни личности од политичкиот и бизнис светот. Ако е воопшто така. Со претходно известување од страна на БГР, тие барале и трошоци за патувања со однапред утврден буџет, во кој влегувале проценетите трошоци за авионски билети, хотелски сместувања, но и за слободното време на консултантите.
Лобирањето во Вашингтон е традиција на речиси сите странски влади. И профитабилен бизнис. Штом во време на воена криза во 2001 година, од џебот на министерството за финансии се избројале 270.000 долари за период од девет месеци на име „лобирање”, кога државата по правило поминува низ тежок финансиски период и потребно е штедење, тогаш веројатно сумите одвоени за лобисти во САД во поствоениот период на Македонија се уште повисоки.
Во исто време, лобирањето претставува предмет на регулација на американската влада, што значи дека сите лобисти, било да се ангажирани за компанија или да работат како индивидуалци, мора да откријат пред јавноста кој ги најмил, при што се станува отворено и комплетно достапно на увид на граѓаните на САД. Таков е случајот и со овој договор, и во тоа нема ништо спорно.
Од друга страна пак, македонските новинари, чија должност кон демократската јавност, меѓу другото, е да прават увид и контрола на трошењето на државните пари, се принудени овие договори да ги добиваат од американски извори, додека домашните политичари не толку ревносно реферираат дека најмиле стручна помош од странски претставници. За објавување, пак, на договорите и на документацијата, не станува ниту збор.
Причина за нетранспарентноста на лобистите, се многу фактори, но пред се големите суми издвоени пари за релативно мали резултати. Иако Џејсон Мико, повеќекратен давател на лобистички услуги на ВМРО – ДПМНЕ во Вашингтон, смета дека неговата работа на некој начин придонела за признавањето на Македонија под уставното име од страна на Америка во 2004 година, колку македонската јавност може да биде сигурна во тоа?
По истата логика, потребно би било да се најмат лобисти и во Европската Унија. Од овој договор, до денес се поминати 10 години, а нашата земја не е членка на ЕУ и НАТО, а бројот на американски инвестиции во економијата е минорен!
Ако Џејсон Мико се појавува во американската документација како лобист за Македонија уште од 2001 година, тогаш останува нејасно, како тоа во јавноста изнесува ставови дека не верува во организации како Обединетите нации, затоа што тие биле создадени за да го нарушат суверенитетот и идентитетот? Во врска со спорот со Грција, за Мико тој претставува унилатерално, а не билатерално прашање, со што имплицира дека единствената земја што треба да направи отстапки, требало да биде Грција. Американски ли се тие ставови? Конечно, дали тие навистина и помагаат на Македонија?
АКО МИ ПОНУДАТ, БИ ЗЕМАЛ ПАРИ ОД АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА ЗА КАМПАЊА ПРОТИВ АБОРТУСОТ!
Американскиот аналитичар, кој е избор на ВМРО-ДПМНЕ за советнички услуги во изборната кампања 2006 година, е жесток поборник против абортусот. За него, животот почнува при зачнувањето, па затоа во колумните неретко може да се забележи како го потенцира значењето на животот и на Господ, во својата строга десничарска и христијанска призма. Тој негира дека земал средства од американската амбасада за да финансира кампања против абортусот, но, доколку му понуделе, немало да се двоуми да тера кампања „за живот”, на отворен и транспарентен начин.
Лобистот на Македонија во Вашингтон и креаторот на некои политики на ВМРО-ДПМНЕ одговара дека оние кои го донеле во Македонија во 1996 година се фирмата „Мерси корпс”, хуманитарна група. Дека е активен и на полето на уметничкото агитирање, покажува и фактот што е продуцент на филмот „Име си е име”, финансиран од странски поддржувачи, за кои истакнува дека се доброволци што сакале да помогнат во реализацијата на филмот!