Уште тоа го немавме – Македонија добива Мис Змија

by fokus 11:33
11:33

Во петок Македонија ќе ја добие својата Мис Змија. Изборот за ,,Мис Змија,, ќе се одржи во Охрид, во кафе бар ,,Шила,, а на модната писта ќе прошетаат девојки од Македонија и соседна Србија. Организатори на манифестацијата се модното студио ,,Санел,, и охриѓанецот Гоце, познат во Охрид како Аждер, човекот кој што со години наназад стои во центарот на градот заедно со своите питони, и ги фотографира туристите со неговите невообичаени домашни миленици.

,,Во Македонија има толку многу избори на убавина, имаме толку многу убави девојки, па затоа се решивме и за уште еден избор, кој што ќе биде доста уникатен. Самиот збор змија, кога ќе се насочи кон некоја девојка, може да се протолкува на повеќе начини, како жена – змија, отровна и злобна, но и како жена – змија, некоја со змиско тело, премногу згодна и фатална. Десет девојки ќе се борат за оваа титула, и секако ќе победи најдобрата. Очекуваме многу гости на настанот, а Мис Змија ја очекуваат и бројни награди,, – ни изјави Благоја Стојановски, сопственик на модното студио ,,Санел,, кое што до пред неколку месеци функционираше во јавноста како ,,Шанел,, но поради закана со тужба од светски познатиот моден гигант ,,Шанел,, од Париз, Франција, беше принуден да го преименува.

14111696_10210708348410015_1342586456_n

,,Веќе извесен период моето модно студио го користи името ,,Санел,, иако сите речиси во земјава две децении ме препознаваа како ,,Шанел,,. Имав проблеми со светскиот моден бренд ,,Шанел,, со седиште во Париз, добив опомена пред тужба, за да го променам името, бидејќи сум им бил закана на нивниот бренд, но и како ,,Санел,, работам добро. Организирам интересни избори за убавина, ,,Мис Змија,, ќе биде уште еден во низата на уникатни настани во Македонија,, – вели Стојановски.

Покрај него, името на фирмата мораше да го промени и фризерката Маргарита Пиштолова од Неготино, чиј што фризерски салон беше заведен во Централен Регистар како ,,Шанел МП,, откако и таа доби опомена пред тужба од модниот гигант, со образложение дека ги крши правата на индустриска сопственост и дека врши нелојална конкуренција.

Вики Клинчарова

Поврзани новости