Отворено писмо до Стевче Јакимовски за паркот во Тафталиџе

by fokus 11:38
11:38

Јавен интерес? Што е тоа?

Градоначалнику Јакимовски, во Вашиот мандат и со Ваша поддршка ќе биде уништена населбата Тафталиџе, една од најубавите населби во Скопје. Вие за тоа ќе носите најдиректна лична одговорност. Со новиот Детален урбанистички план за Тафталиџе се уништуваат елементарните услови за хумано живеење и работа на граѓаните во населбата Тафталиџе, која во последно време е предмет на невидена градежна агресија, и во која веќе не се градат згради, туку монструми!

Точно така, во Тафталиџе се градат монструми, во кои некој сака за кратко време да досели ЦЕЛ ЕДЕН ГРАД, со што целосно ќе се уништи населбата Тафталиџе. Во урбанистичкиот план сите, повторувам СИТЕ јавни површини во Тафталиџе се предвидени на нив да се изградат згради. Се разбира, вистинска причина за ова уништување на Тафталиџе, како и вистинската причина за многу други проекти со кои се уништува Скопје, е криминалот.

Некој, спротивно на сите критериуми и спротивно на правата и интересите на граѓаните што живеат во Тафталиџе носи урбанистички планови и дава дозвола за градба во замена за пари. Тоа веќе им е јасно на сите. Инаку, која е логиката на постоечката површина и инфраструктура, во една од најатрактивните населби во Скопје да се дозволи, надвор од сите стандарди, градежна инвазија во која за два или три пати ќе се зголеми бројот на жителите на Тафталиџе само за две-три години! Кој има интерес од тоа? Граѓаните на Тафталиџе, кои се единствени и сложни и жестоко се спротивставуваат на идејата да се уништи нивната населба сигурно дека немаат интерес од ваквата градежна инвазија.

Граѓаните кои ќе купат станови во новите блокови (некои од нив, како градежниот монтрум на Настел ќе треба да прими неколку илјади жители!) сигурно дека нема да имаат убави услови за живот во претрупаната населба. Како може граѓаните да имаат интерес да се гради неконтролирано, да се претрупа населбата со илјадници луѓе, да нема место за паркирање, улиците и тротоарите да се преполни со коли (тоа веќе се случува!) и на нив да не може нормално и безбедно да се движите, да се загадува воздухот (како да не е веќе доволно загаден), канализацијата да смрди, затоа што на иста канализациона мрежа се вклучуваат постојано нови и нови згради, да се исечат дрвјата и да се уништи зеленилото, децата да нема каде да играат, да се уништат сите јавни простори, енормно да се зголеми бучавата.

Кој има интерес од сево ова? Одговорот е едноставен. Градежната мафија и неконтролираната желба за профит се вистинскиот мотив за уништувањето на Тафталиџе! И Вие не само што не преземате ништо да се запре оваа катастрофа, туку напротив, активно работите да се уништи Тафталиџе!

Новиот Детален урбанистички план за Тафталиџе е целосно спротивен на принципите за рамномерен и одржлив просторен развој на населените места и градбите. Овој план ќе доведе до апсолутно нерационално и неодржливо користење на просторот, тој ќе предизвика деградирање на недвижното наследство и урбаниот простор и понатамошно уништување наместо унапредување на животната средина и природата. Деталниот урбанистички план е спротивен на сите начела врз кои се темели просторното и урбанистичко планирање, меѓу кои и европските нормативи и стандарди во планирањето на кои се повикува Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Деталниот урбанистички план за Тафталиџе е спротивен на јавниот интерес, основното начело дефинирано уште во членот 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и главно начело на Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање. И конечно, Деталниот урбанистички план е спротивен на Уставот со кој се уредени начелата на едно демократско општество, каде главен и неприкосновен носител на јавниот интерес се граѓаните.

Што е јавен интерес? Јавниот интерес не е дека Јавното претпријатие за стопанисување на јавен и деловен простор гради станбени објекти за социјални категории, на јавен простор за што јавната институција општина Карпош, каде ви е доверена главната јавна функција, ги спровела сите потребни јавни набавки, постапки и одлуки. Не! Не! и Не! Носителите на јавниот интерес, согласно уставот и законите на оваа земја, се граѓаните на Република Македонија, а јавните институции се дистрибутери на услуги за граѓаните и имаат обврска да го штитат јавниот интерес и јавното добро.

Како градоначалник на една од најурбаните општини во Република Македонија, наместо да ги фаворизирате демократската партиципација и соработката со граѓаните, и методите на софистицираното урбанистичко планирање, Вие всушност ја подржавте невидената, незаконска и примитивна градежна експанзија. Урбанистичкото планирање го сведувате на ортаклук со профитери, исклучувајќи го секој обид за партиципација на граѓаните кои живеат во овој исклучително амбиентален урбан простор во процесот на планирање и кои како носители на јавниот интерес имаат неприкосновено право на сите јавни површини.

Во време кога европската култура на живеење, јавниот простор го става на пиедестал и во центарот на урбаниот живот на граѓаните, во време кога европските градови се натпреваруваат да создадат што е можно повеќе јавни простори со креативни, интерактивни, едукативни и социјално стимулирачки содржини, вие ни испорачувате детален урбанистички план во кој сите јавни површини кои ги опкружуваат нашите домови ги киднапирате од граѓаните и ги претварате во градежни парцели на кои предвидувате станбени објекти. Ова е антиевропско, нецивилизирано и деструктивно однесување кое доведе до целосно деградирање на многу населби во Скопје.

Во овој ДУП веќе нема ништо од јавен простор освен улиците кои ќе се блокираат од планираниот капацитет кој треба да го опслужат истото што ќе се случи и со подземната инфраструктура. Зарем не приметивте дека околу сите висококатници во Карпош со старите урбанистички планови е оставен поголен слободен простор.

Да, гледам дека сте приметиле. Но очигледно е дека не знаете за што служи тој простор, верувајте ми дека не е оставен за вие да впишате површини за градба. Градоначалнику, сте дозволиле густо колективно домување без ниту една педа зеленило и јавен простор за дружење и социјална интераксија. Сте дозволиле густо колективно домување во трусна зона загрозувајќи ги условите за евакуација и спасување. Сте дозволиле густо колективно домување на простор со кревко, скоро никакво проветрување и во време на глобални климатски промени.

Граѓаните на општина Карпош, како жители и сопственици на имот плаќаат комуналии, даноци на имот и даноци на градежно земјиште. Тоа значи дека имаат неприкосновено право на сите јавни површини, а тоа се улиците, пешачките зони, парковите итн. кои се неотуѓив дел од нивниот урбан простор. Секое натрапничко однесување и интервенирање во просторот ја намалива вредноста на нивниот имот, како и квалитетот и безбедноста на нивниот живот и животот на нивните деца. Кој ви го даде правото да пренаменувате и отуѓувате парковска површина која граѓаните на оваа населба ја користат повеќе од 50 години и која е дел од една урбанистичка целина повеќе од 50 години? Никој! Никој не ви го дал тоа право.

Не препознавајќи го и не почитувајќи го јавниот интерес и јавното добро, Вие, всушност предизвикувате јавна штета. Во делот на јавниот интерес сте го фаворизирале само дел во кој партиципира личното профитерство во првата фаза на спроведувањето на планот, додека користењето на урбаниот просторот и неговите трајни вредности, односно нематеријалниот дел во кој треба да партиципираат жителите на оваа населба, граѓанските интереси, јавниот интерес и квалитетот на живот ги заобиколувате повикувајќи се на брзи законски измени и нетранспарентен процес на урбанистичко планирање.

Во еден урбан простор каде целото индивидуално домување кое подразбираше и солидни дворни површини и колективно домување надополнето со амбиентални зелени површини, добро осмислени и поставени во урбаната целина на населбата и училиште со голем двор, вие на хартијата, со деструктивното урбанистичко планирање сте ја избришете секоја зелена површина (и приватна и јавна) со неиздржано и неоправдано зголемување на површините и висините за градба на сметка на секој слободен и неизграден простор. Со предходниот план, на децата им го зедовте целото зеленило и слободниот простор во училишниот двор, а сега им го зедовте и зеленилото пред зградите и таканаречените куќи со 7-8 станбени единици во истите. Во новите урбани блокови пак нема предвидено никаква парковска површина.

Во време кога во европската култура на живеење континуирано се развиваат фасцинантни и креативни форми на (не)профитабилен, интерактивен, социјалностимулирачки простор од јавен интерес кои директно го подигаат квалитетот на живеење и индиректно влијаат во продуктивноста и ефективноста на индивидуата во општеството, Вие со новиот урбанистички план секој јавен простор (зеленилото) го пренаменувате крајно деструктивно или го оптеретувате со капацитет (инфраструктурата) како за сегашните така и за идните жители на населбата. Тоа го правите со нетранспарентни и незаконски измени на Правилниците, ноќе и на празници, за да не биде видливо за јавноста.

Да, да, знам дека Правилникот се менувал во последен момент за да можете со овој криминал да го покриете секое парче зелена површина. Но она што не може да се смени во Правилникот се принципите на кои почива урбанистичкото планирање, без разлика дали се работи за ДУП или за ГУП. Се што е додадено и на што се повикувате нема никаква правна основа затоа што се коси со главните начела на урбанистичко планирање запишани уште во првите неколку члена на Правилниот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и Законот за просторно и урбанистичко планирање. И уште една работа, како жител на улица Букурешка но и како архитект сакам да имате во предвид дека секое одобрение за градење на објект, на местотот на старата месна заедница на улица Букурешка, ќе биде одобрение за дивоградба. Да, да ги знам условите во ДУП-от кои “планерот” ги запишал за оваа градежна парцела. Но и вие знаете дека за оваа градежна парцела широкоградно и законски сосема неосновано се зададени урбанистички параметри како што се процент на изграденост, коефициент на искористеност, висина на градба и позиција на градежна линија.

Вие сте градоначалник на сите граѓани на Карпош, на сите граѓани на Тафталиџе. Вие од нив сте избрани и Вие сте одговорно кон нив. Вие имате обврска да ги сослушате граѓаните и да ги земете предвид нивните права и интереси. Прашајте ги граѓаните дали се согласуваат со ваквата градежна експлозија. Прашајте ги!

Тие ќе Ви кажат дека не се согласуваат со уништувањето на нивната населба, дека не се согласуваат сите јавни простори да се претворат во згради, дека не се согласуваат со уништувањето на последниот парк во населбата на улицата Букурешка. Затоа градоначалнику, уште денес превземете ги сите чекори за да го повлечете одобрението за изградба на станбениот објект предвиден да се гради во паркот на улица Букурешка, а понатаму отповикајте ги сите активности со кои се планира узурпација на јавниот простор и уништувањето на населбата Тафталиџе.

д.и.а. Дијана Мицковиќ

Поврзани новости