Уште пред 3 години „Фокус“ предупреди дека ќе „снемува“ артефакти од музеите!

by Фокус 14:06
14:06

Текстов е објавен на први октомври 2010-та година во неделникот „Фокус“ број 796 под наслов „Нема пари за истражувањето во Тремник, каде се пронајдени златни монети со Филип и Александар“

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

Во време на оваа влада на Никола Груевски, антиката доживеа Ренесанса, но, без Хуманизам, оти живите луѓе и нивните проблеми се игнорираа, а не се штедеше единствено на изградбата на нови споменици, едно чудо на број. За главниот, нели, Александар Македонски, ептен се одврза чекмеџето, државно се разбира. Фактот дека „само“ 4,5 милиони евра ќе биде ,плукнати, на леарницата од Фиренца за леењето на споменикот, ем 650 илјади евра хонорар за авторот, доволно говореше на каков пиедестал е издигнат Големиот војсководец од Груевци.

- Advertising -

И, кога на фудбалскиот стадион му дадоа име Филип II, а на аеродромот Александар Велики, некој ја крсти актуелната владина политика како антиквизација. Секако, преку владината кампања, дополнително бевме национално освестувани со – „Ти си Македонија“ во која главниот лик беше, кој друг, ако не токму Александар Македонски. Немаше да биде изненадување и доколку Груевци ги видевме како влегуваат во владата скоцкани  во одори сошиени по последен антички моден крик!

Кога веќе сте го восприемале сиот овој национален антички патос, сигурно ќе ви звучи како неверојатна една информација, дека пред две години во неготинско биле пронајдени златни монети со ликовите на Филип и Александар, ем бајаги златен накит од античкиот период. Па, ако било така, а тоа е сепак ексклузивно откритие, гарант нашиот премиер – љубител на промотивни сликања, фрлање лопати и антика, би направил ТВ Лејт Најт шоу или би пројал троа бурек. Но, такво нешто не се има „десено“!

Тргнавме, значи, накај Неготино, со намера да ја провериме, како што сеуште мислевме, оваа невозможна шпекулација. Да откопаш античко злато, а Грујо со тоа да не се услика барем во еден спот, ни звучеше како научна фантастика!

И. глеј чудо. Со наши очи видовме, а преку фото – очите на нашиот фоторепортер Томислав Георгиев и вие ќе може да ги видите фасцинантните артефакти од злато, од античкиот период, тешки 1,2 килограми. Откриени биле во 2008-та, во селото Тремник, кај месноста Орманков Гроб.

Шокот беше уште поголем што надлежните од Музејот мака мачат како да ги чуваат поради сите ризици за безбедноста на ова непроценливо богатство.

Но, разбравме уште една неверојатна вест – истражувањата на овој локалитет сега се прекинати, местото не е обезбедено, а, годинава, замислете, за таа намена од буџетот биле дадени само 70 илјади денари. Да, да, не се евра, туку денари! Археологот, пак, кој го нашол ова античко богатство, верува дека токму тука може да се наоѓа храмот на божицата Артемида!

АПЛИКАЦИЈАТА СО ПОСЕЈДОН Е УНИКАТНА?

Навистина е несекојдневна глетка, тој златен накит стар околу 2.300 години. Проценките се дека датира некаде околу ИВ век пред нашата ера. Некои од експертите што потоа ги консултирав, веруваат дека тоа е токму крајот на класичниот антички период и почетокот на хеленистичкиот.

Повеќето според описот и пописот на овие артефакти, се согласуваат дека ова е навистина големо откритие. Но, како се пронајдени? Приказната е ептен прозаична.

Кирил Ангеловски, археолог, кој 30-тина години бил и директор на Музејот во Неготино, открива дека кога во 2008-та година селаните од Тремник им пријавиле дека над селото, од јужната страна, работеле диви копачи, отишле на лице место и виделе дека се ископани неколку гробови. Но, дивите копачи од брзање изгледа заборавиле да ги дооткопаат.

„Таму најдовме монети од времето на Константин во еден керамички ќуп. Потоа беше отворена една помала сонда, за да се одреди стратиграфијата на теренот. На тој терен, на површината се наоѓаа мермерни остатоци на некој храм. Тоа беше сигнал дека тука има поголем објект, светилиште или храм. Кога со сонда отворив еден мал дел, на 60-70 сантиметри, прво ја најдовме монетата од Филип. Веќе во долниот слој беше монетата од Александар, а потоа дојдовме до целиот златен накит“ – раскажува Ангеловски.

Сите овие артефакти изработени од најчисто злато, заедно тежат еден килограм и двесте грама. Нивната вредност, пак, би рекле нема цена.

„Барав низ литературата, и вакви фибули исто така четири, најдов единствено во Британскито музеј, а се пронајдени на островот Крит. Има многу мали разлики меѓу оние што ние ги најдовме и овие што се во музејот во Лондон. Апликацијата, пак, со Посејдон, мислам дека е уникатна, барем не успеав да најдам ваква, каде што Посејдон е меѓу два коња“ – вели Кирил Ангеловски.

Археологијата трпи приказни, па, се интересирав од каде ова злато се нашло тука? Ангеловски одговара дека и самиот се консултирал со колеги професори по археологија, па, претпоставка е дека можеби станува збор за некој виден, моќен велепоседник од овој крај, кој бил во војската на Александар, и по враќањето го носи сиот овој златен накит, со кој потоа бил погребан.

Но, каква и да е верзијата, сепак многу поважно е што Ангеловски верува дека токму на овој локалитет, на месноста Орманков Гроб, кај селото Тремник се наоѓа храмот на божицата Артемида. Таа е божица на ловот, инаку сестра близнак на богот Аполон. Арно ама – пари нема!

„Моите претпоставки се дека на овој локалитет се наоѓа едно светилиште. Ова е еден извонредно богат археолошки локалитет. Знаете, не е се во златото, таму најдовме и керамички садови, неколку гроба, околу целиот храм има една некропола. Но, неодамна го завршивме истражувањето на овој локалитет. Нема средства. Кога конкурирав со проектот за 2009 година, добивме 100.000 денари, додека за оваа 2010 и помалку – 70.000 денари. Годинава, пак, утврдивме дека таму има три слоја, а ние сме дојдени токму до третиот слој. И тука заврши приказната. Има артефакти од доцниот римски период, од римско време и доцно-антички гробови. Проценките се дека треба да се истражуваат долните слоеви, затоа што мислам дека тука навистина може да биде храмот на божицата Артемида“ – објаснува археологот Ангеловски.

ДЕМИР КАПИЈА Е ЗАПОСТАВЕНА ЗАРАДИ ОХРИД?

Всушност, и целиот разговор откако ги видовме артефактите, Ангеловски го започна со храмот на Артемида. Беше логично да прашаме: На што ја темели таквата претпоставка?

„Првите најави или проценки дека тука се наоѓа храмот на божицата Артемида ги даде Викторија Соколовска, археолог од Музејот на Македонија, која токму го работеше античкиот период. Во една средба со неа, некаде 1978-1980 година, таа ми ја спомена таа проценка. Оваа нејзина прогноза ми остана врежана во мислите. Постојано ми се моташе во главата. Кога ги видовме мермерните остатоци од некаков поголем објект, првата помисла ми беа зборовите на Соколовска“ – одговара Ангеловски.

Иако е внимателен во изборот на зборовите, затоа што денес се сѐ политизира, сепак апелира да се обрне поголемо внимание на овој регион, демиркапискиот особено. Нема против, како што вели, тоа што Паско Кузман истражува во Охрид. Меѓутоа, овој регион не смее да се запоставува.

 

Бидејќи овој храм, за кој верува дека се крие токму во Тремник, се наоѓа на една многу прометна делница, и приказната за овој храм може да биде интересна туристичка атракција!

Неколкуте археолози со кои потоа разговарав, се согласуваат дека тоа е навистина извонредно богат археолошки терен. Сепак, ми беше неразбирливо, зошто целиот овој златен наод не добива поголема заштита, а ниту добил адекватен публицитет!? Ангеловски вели дека јавиле на Управата за заштита на културното наследство, барале и од Музејот на Македонија да ги преземе овие златни артефакти, но, тие одбиле исто така заради обезбедувањето, бидејќи е ризично да се чуваат туку-така.

Новиот в.д. директор на Музејот на Неготино, Петар Ризов, дополнува дека неодамна тој разговарал и со началникот на полицијата од Скопје, за да се преземе нешто.

Од друга страна, некои од експертите по археологија сметаа дека нема потреба од сензација, други, пак, дека и нема зошто да се носи златото во Скопје, иако не добив разумен одговор на прашањето, како да се чува вакво богатство во ,нормални, услови или без специјална заштита?

Затоа, впрочем, постојано ни се случуваат кражби на вредни археолошки артефакти, икони или друго вредно културно богатство. Впрочем, понекогаш сензацијата е потребна заради притисок на властите да сторат нешто повеќе!

Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, во телефонски разговор ми потврди дека артефактите пронајдени кај месноста Орманков Гроб се извонредно важни и значајни. Не се согласува дека откритието од 2008-та не добило публицитет, затоа што таму одржал и прес-конференција. Но, сепак, не најдов некој што се сеќава на таква промоција. Можеби да присуствувал Груевски, ќе беше поинаку.

Од неготинскиот музеј го потврдуваат настанот, но, додаваат дека на оваа прес-конференција дошле ептен малку новинари. Обидот да проверам по архивите на неколку релевантни медиуми, остана без успех. Ако го побарате Орманков Гроб на Гоогле, ќе добиете само еден поим, дека се наоѓа во програмата на Министерството за култура за 2010  година.

За колкави средства станува збор, срамота е и да се зборува!

ЛАЖЕН ПАТРИОТИЗАМ, ФАЛШЛИВА АНТИКВИЗАЦИЈА!

Кирил Ангеловски во јануари заминува во пензија. Вели дека не е важно кој ќе го води проектот понатаму. Дали ќе дојдат од Музејот на Македонија, можеби и со странска донација, сеедно, само работите да продолжат. Сега археолошкото наоѓалиште во село Тремник е во состојба – ни напред, ни назад. А тој допрва очекува да се дојде до поголемо откритие!

Нагласува дека на самото подножје има и праисториска населба. Еден континуитет на живеење од праисторија до доцниот антички период. За Тремник вели дека е извонредно богато археолошко наоѓалиште. Се претпоставува дека во овој регион се наоѓа и античкиот град Антигонеа, кој бил град од растурен тип, распослан на повеќе ридчиња и поголем простор. Според некои археолошки карти, се наоѓа на 12 римски милји од Стоби. Но, тука настанува проблемот, па, добив и различни претпоставки од различни археолози. По Антигонеа уште се трага, но, би требало да е тука некаде!

Интересно е дека на моето конкретно прашање за судбината на Тремник, и Паско Кузман се согласи дека е потребна поголема иницијативност за таму да продолжат истражувањата. А тоа е широк и општ поим.

Сепак доаѓаме до другата поента на целата приказна. После неколку години археолошка еуфорија, Груевци оваа година ги стопираа повеќето истражувања. Со ребалансот на Буџетот се направи остар рез во археологијата – скратувања во културата се околу 30 отсто и се најголеми во однос на другите ресори. Од друга страна, кризата не ги зафаќа изгледа само  градежните зафати на Министерството за култура и скапите споменици!

За приоритетите се работи, што би рекле од опозициската СДСМ.

Па, сега излезе на виделина целокупната манипулација околу археологијата како приоритетна дејност. Приоритет за Груевци се градби по најскапи цени.

Изградбата на Стариот тетар или Музејот над вода во Охрид, за кој ќе се платат 3,5 милиони евра. Милионски суми во евра за Лавови. И така сите знаат кога и каде е ставена Шмизлата во центар, но, ете, баш и не чуле за златниот антички накит пронајден во неготинско. Неколку милиони евра ќе одат за Александар на Букефал на скопскиот плоштад, но, за вредни археолошки наоѓалишта токму од Александрово време, се штеди ригорозно!?

И, така, додека го крева националниот адреналин кај масите, власта покомотно фура со сомнителни скапи набавки, што на прокламираниот патриотизам му дава лажна суштина. Со ваквите, пак, приоритети во културата, и антиквизацијата добива фалшливи мотиви. Ма, за парите се работи!!!

Златните години во археологијата бргу завршија, а со тоа оставија поголем зијан. Се оставаат отворени локалитети, погодни за дивите копачи. Тие, пак, денес се со најсовремена опрема. Патем, да потсетиме дека пред неколку месеци, во акцијата Фаланга, МВР приведе 50-тина осомничени за ископување и трговија со археолошки артефакти од неколку градови.

Меѓу нив, како што тогаш јавија, биле угледни бизнисмени, екс-началник на полиција, ама и сопругот на директорката на Музејот на Неготино, Маја Митрова Стевановиќ. Таа е сега само советник во општината, а апсењето на сопругот го прогласи за реваншизам. Нели, се бараше и од неа, како и од многу други, да се определи за една од двете функции што ги има!

Во секој случај, кога би знаеле колегите од Британскито музеј, како овде се третираат и чуваат златните фибули, веројатно ќе им стане јасно дека, Александар и Филип им служат на Груевци само за замајување на јавноста. Можеби колку за инает и на Грците!

Поврзани новости