Јованка Броз е потомок на Цар Душан?!

by Фокус 18:15
18:15

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на 5 јуни 2009 година

Пишувал
Блаже МИНЕВСКИ

- Advertising -

Која е Јованка Будисављевиќ, Србинка од Лика? Како станала главна домаќинка во резиденцијата на Тито во Белград? Кога се омажила за маршалот? Дали била руски или германски шпион? Зошто била љубоморна на својот осумдесетгоддишен сопруг и зошто на крајот, неколку години пред смртта на претседателот била отстранета од неговиот живот? Тоа се само дел од прашањата што се наметнуваат по нејзиното појавување во јавноста по речиси триесет години молк.

Факт е дека по смртта на Тито, Јованка Броз со години беше трн во окото на политичкиот врв на СФРЈ. Некои југословенски политичари отворено се плашеле од неа, а други со децении ги блокирале сите нејзини политички амбиции. Самиот Тито во една прилика признал дека таа имала амбиции да стане Сиримаво Бандаранаике и да го наследи на фукцијата. Имала моќни соработници, но и пријатели меѓу угледните светски државници, како на пример Индира Ганди.

Според истражувањето на Словенецот Миро Симиќ, иако таа тврди дека е бездушно исфрлена од Титовата резиденција речиси гола и боса, сосема ограбена, па дури и без личните работи, сепак судски најверојатно има наследено богатство од кое не би требало да се срами.

Самиот Тито во една прилика признал дека таа имала амбиции да го наследи на фукцијата

Освен тоа, вели тој, таа добива и српска месечна пензија од околу 650 евра, одобрена од страна српскиот претседател Борис Тадиќ, иако таа во своето прво појавување во јавноста по неколку децении изјави дека не знае од каде ја добива:

„Добивам некаква апанажа, но која и од кого не дознав никогаш“, вели таа во последното свое интервју, додавајќи дека по неа плукаат за да се заштитат себеси и да си ги прикријат своите валкани траги и злодела што ги имаат направено“.

Пред неколку години во јавноста излезе информација дека Јованка Броз пишува интимен дневник, кој најверојатно на парчиња ѝ го испраќа на поранешната претседателска на Шри Ланка, Сиримаво Бандаранаике, но таа во интервјуто воопшто не спомнува дека такво нешто постои.

Сепак, доколку има таков дневник, во него секако треба да излезе на видело целата вистина за нејзниот живот со Тито и за неправдите кои ги доживеа по неговата смрт, а тоа значи дека ќе бидат отфрлени и голем број шпекулации кои сега постојат во јавноста.

ЈОВАНКА Е ПОТОМОК НА ЦАР ДУШАН?!

Која е Јованка Броз, разделената но не и развенчана сопруга на Тито, која денес има 84 години и живее во изнајмен стан во центарот на Белград?

Јованка Будисављевиќ е родена во православно, српско семејство летото1925 година во селото Печани во Лика, во близина на некогашната Титова Кореница, а сега само Кореница. Областа Лика е всушност една од покраините на Виенска краина, која 400. година била европски бедем на Австроунгарија кон Отоманското царство. Населението во Лика има учествувано во сите австриски војни во Европа, најчесто како специјалци за упад во позадината на непријателот.

Основна култура на народот од тој крај е борбеноста или такаречениот динарски јуначки стил на живот. Од друга страна, татко ѝ на Јованка, Миќо Будисављевиќ, бил угледен селанец кој повеќепати престојувал во Америка, па многу добро заборувал англиски јазик. Се разбира, никогаш не бил член на Комунистичката партија на Југославија, но бил познат по тоа што бил против секоја неправда.

Како „шетан“ човек, инсистирал неговите деца да учат, па неговата ќерка Јованка во родниот крај завршила четиригодишно основно училиште, што за Личанките во тогашни услови воопшто не било малку.

Инаку, според нејзино сведоштво, корените на нивното семејство се од Косово, од околината на Пеќ, па затоа незјиното село во Лика го добило името Пеќани.

Во оставнината на историчарот Владимир Дедијер се чува голема скица на генеолошкото стебло на семејството Будисављевиќ со „гранки“ што се протегаат околу 700 години наназад до Немањиќи и до една од цариците од дворот на Цар Душан. Според таа стара семејна скица на семејството Будисављевиќ, Јованка би можела да биде по потекло српска кнегиња, потомок на некоја дамнешна принцеза или царица од дворот на српските средновековни владетели.

Скицата е нацртана со рака, сѐ е напишано со современа кирилица, но нема податоци како Дедијер, личниот биограф на Тито, дошол до неа и кој член од семејството Будисављевиќ му ја дал како документ. Можеби, сепак, станува збор за измислица, но тогаш се поставува прашањето зошто Дедијер ја зачувал во својата архива.

Јованка Броз јавно изјавувала дека е во крвно сродство со славниот научник Никола Тесла

Во секој случај, познато е дека Јованка Броз јавно изјавувала дека е во крвно сродство со славниот научник Никола Тесла, а кога била во посета на Верона од придружбата побарала да ги најдат веронските гробишта и таму да го пронајдат гробот на славниот австро-унгарски генерал Будисављевиќ, со кој, исто така, наводно била во сродство.

Како и да е, Втората светска војна била трагична за семјството Будисављевиќ: Нејзините родители умреле, а таа се приклучила на женската Личка чета, чиј командант била Наранџа Кончар. Во партизани заминуваат и најзините двајца браќа, од кои еден загинува.

Интересно е тоа што за излегување во партизани се пријавиле дури 700 млади Личанки, па, така, наместо една биле формирани дури три женски партизански чети. На крајот, сепак биле избрани само 85 млади девојки за редовни борци на четата, кои во близина на Долни Лапци имале и едномесечна обука.

За оваа Личка партизанска чета по војната требало да се снима филм: Сценариото било веќе напишано, а филмот требало да зборува пред сѐ за Јованка Будисављевиќ, но, за жал, тој филм никогаш не бил снимен.

Има неколку варијанти за судбината на филмот, но, според истражувањето на Миро Симчиќ за жените во сенката на Тито, Јованка во Лика не можела да најде двајца сведоци кои би можеле да посведочат за нејзнито активно учество во НОВ во 1941-та година, иако таа тврдела дека во Народно-ослободителното движење се вклучила уште во јули 1941, а во партизани заминала во почетокот на 1942-та година, најпрво во Првата младинска чета, потоа во Третиот баталјон на Втората бригада на Шестата личка дивизија, а на крајот и во штабот на Првиот корпус.

Извршувала повеќе должности за време на војната за потоа, кон крајот на 1945-та година да се демобилизира и да се врати во своето родно село Пеќани. По само еден месец одмор, дваесетгодишната Јованка заминува на служба во Резиденцијата на претседателот Тито во Белград и веднаш започнува нејзиниот брз пробив кон тронот на прва дама на Југославија.

 

КОЈ МУ ЈА ДОНЕЛ НА ТИТО?

За тоа како таа била повикана од зафрленото селце Пеќани во Лика, и како дошла директно во резиденцијата на Тито на Дедиње во Белград, постојат повеќе контрадикторни приказни. Милован Ѓилас, на пример, бил уверен дека Јованка во Белиот двор ја довел Александар Ранковиќ, најмоќниот српски полтичар во тоа време. Имено, меѓу педесетте партизанки кои биле проверени од тајните служби, најпрво биле избрани пет, но на Тито во око му влегла „убавата, витка Личанка со црна коса“.

Според она што го има запишано Ѓилас во своите спомени, тој повеќепати го прашал Ранковиќ дали тој му ја подметнал Јованка на Тито, но Ранковиќ на тие индискретни прашања секогаш само загадочно се смешкал. Овде добро е да се знае и тоа дека Тито всушност ја видел Јованка првпат дури во резиденцијата во Белград; првпат сепак ја забележал за време на војната, во 1944-та година, во Дрвар, кога таа била политички комесар во тамошната партизанска болница.

Титовиот проблем, кога станува збор за жените, барем додека бил партизански војсководец, било тоа што имал ограничени можности за слободно движење, а со тоа и за слободен избор на женско друштво. Во тоа време Тито во Штабот си ја имал Даворјанка Пауновиќ – Зденка, но и постојано бил под будна присмотра на своето обезбедување, па не можел да се движи слободно како останатите. Секој што ќе дошол во негова близина бил темелно проверуван.

За време на војната, и по војната, додека не станала љубовница на Тито, Јованка Будисављевиќ не привлекувала посебно внимание кај партизанските тајни служби. Притоа нејзина голема предност пред другите кандидатки за Белиот двор била исклучителната, расна убавина.

Нејзина предност пред другите кандидатки за Белиот двор била исклучителната, расна убавина

Без разлика на сите шпекулации, факт е дека клучната личност која ги поврзала Тито и Јованка е Иван Крајачиќ-Стево, долгогодишната сива еминенција во југослсовенскиот полтички врв, но и многу влијателна личност во Титовата резиденција. Тој човек знаел многу тајни за сите значајни луѓе на политичката елита, а негова највисока функција била претседател на Саборот на Република Хрватска од 1963 до 1967 година.

Се разбира, битно е да се знае дека пред тоа, во 1944 година, во време на масовните ликвидации без судење на припадниците на поразените војски во Југославија, токму тој ја водел озогласената ОЗН-а во Хрватска. Истиот тој Крајачиќ со децении имал непречен пристап до Тито во секое време, а имал и големо, речиси несфатливо влијание врз Јованка Броз.

Од каде доаѓа таквата моќ на еден човек во сенка? Едноставно, тој бил функционер на Коминтерната, но и советски шпион по војната, и тоа со дозвола и знаење на Тито!? Пристапницата во НКВД-е ја потпишал во Прага во 1936-та година. Колку Советскиот сојуз ги ценел неговите заслуги зборува и тоа што високиот Ленинов орден го добил уште за време на војната и, се разбира, пред Тито. Зошто би добил толку високо одликување ако не работел предано за нив?

ТАЈНИТЕ ЉУБОВНИ ИЗЛЕТИ НА ДЕДИЊЕ

Југословенските тајни служби се разбира проверувале зошто Јованка за време на војната ја напуштила партизанската единица во Лика и половина година под тајно име престојувала во Загреб. Се сомневале дека работи за Гестапо, но ако отишла во Загреб, и илегално работела таму, тоа пред се може да значи дека била во договор со Крајачиќ, кој во Загреб веќе со години бил резидентен шпион на НКВД-е за тој дел на Балканот. Оттука таа првенствено би можела да биде енкаведеовска соработничка повеќе отколку гестаповски крт.

Дали Јованка Броз ја продолжила соработката со НКВД-е следните неколку децении колку што била со Тито во Белиот двор? Според Владимир Дедијер, токму Крајачиќ кон крајот на војната, како резидентен шпион на НКВД-е за Балканот, добил задача во близина на Тито да уфрли доверлива личност која ќе информира за сѐ што се случува во Маршалатот. Ако е така, тогаш Јованка Будисављевиќ, подоцна Броз, очигледно била долгорочен и добро подготвен проект на советските тајни служби.

Затоа Крајачиќ добро ја проценил ситуацијата кога се одлучил за Јованка, уфрлувајќи ја како домаќинка во Титовата резиденција уште во почетокот на 1946 година. Се разбира дека таа била идеално решение за местото домаќинка во резиденцијата, управувајќи со комплетниот персонал. Набрзо потоа Крајачиќ средил со Ранковиќ таа да стане домаќинка не само во резиденцијата туку во целиот Маршалат.

Според Ѓилас, и Тито бил задоволен со изборот на Крајачиќ, затоа што во куќата, односно креветот, му довел „кршна девојка“, расна убавица, која му искажувала безмерно почитување и голема лојалност. Меѓутоа, Маршалатот бил полн со млади и перспективни гардиски офицери, а Јованка на многумина им влегла во око. Затоа од Крајачиќ добила многу јасна порака: не смее да има никакви односи со тие млади луѓе, без оглед колку и да ѝ се допаѓаат.

 Свадбата се одржала дури во 1952-та година, кога Јованка имала 27, а Тито полни 60 години

Оттука, всушност, според Ѓилас, започнува вистинскиот пекол за неа. Имено, Титовото обезбедување набрзо утврдува дека младата домаќинка на Маршалатот не само што не спие во својата соба туку ноќите редовно ги поминува во специјалниот дел каде што престојува Врховниот командант. Персоналот, бележи Ѓилас, еден од најблиските соработници на Тито во првите години по војната, почнал да ја избегнува и да ја понижува Јованка Будисављевиќ на секој чекор, гледајќи во неа ефтина кариеристка, користољубиво и расипано девојчиште, кое ги користи своите природни атрибути за напредување во власта.

Според тоа, тајната љубовна врска на Тито и Јованка, според Дедијер, почнала најверојатно веднаш по нејзиното доаѓање во резиденцијата, но дури во 1950-та година Тито ја побарал Јованка за сопруга. За жал, поради политичките проблеми со резолуцијата на Информбирото, свадбата се одржала дури во 1952-та година, кога Јованка имала 27, а Тито полни 60 години.

Прв странски државник што ја запознал младата сопруга на Тито бил британскиот премиер Ентони Еден. Всушност, тогаш за првпат Јованка излегува во јавноста како сопруга на Тито, и, како што велат оние што го помнат тоа време, без разлика на годините, делувале како складен пар кој отсекогаш живее заедно. Тито повторно бил вљубен до уши, но и Крајачиќ како руски шпион бил пресреќрен.

Jovanka Broz ЈОВАНКА ИМ СЕ ФАЛЕЛА НА ПРИЈАТЕЛКИТЕ ДЕКА ТИТО Е ГОЛЕМ ЉУБОВНИК!

Значи, во април 1952-та година, Тито одлучува да стави крај на гласините и оговарањето: пред гардистите и персоналот во Белиот двор, а во присуство на Јованка, јавно соопштил дека таа станува негова венчана сопруга. Според сведоштвата на дел од оние што присуствувале во тој момент, Јованка била збунета, затоа што Тито претходно очигледно не ја беше известил за таа своја одлука.

Но, за жал, ни петтиот брак на Тито не бил долго време складен и успешен, барем според она што го тврди Милован Ѓилас во својата книга „Моето дружење со Тито“. Имено, Тито знаел многу често да ја грди и да ја понижува пред другарите, а тоа неа бескрајно ја растажувало. Притоа, меѓу нив биле дури 32 години разлика.

Сепак, кога пријателките ја сожалувале поради големата разлика во годините, Јованка постојано го фалела Тито како голем љубовник, велејќи дека ништо не ѝ недостасува во тој поглед. Се разбира дека сакала деца, но Тито не сакал ниту да чуе за тоа, па се помирила со судбината да остане без потомство, без свое дете.

Од друга страна, во почетокот на бракот таа воопшто не се мешала во политика. Во Ужичка 15 имала сопствена скромна собичка во која учела и ги спремала испитите за вечерната гимназија. Но, за нивното разидување кон крајот на седумдесеттите години сепак не биле виновни само личните разлики во карактерите, туку и амбициите на Јованка кои со тек на времето почнале да растат.

Така, во 1965-та година Јованка добила можност поцелосно да се грижи за луѓето околу Тито; да го контролира протоколот на претседателот и да ги држи во свои раце контактите со надворешниот свет. Таквата позиција значела голема моќ за неа, особено во врска со кадровските решенија во Кабинетот, распоредот на времето и селекцијата на гостите. Се разбира, се тоа го работела со голема помош на неизбежниот Стево Крајачиќ.

Јованка постојано го фалела Тито како голем љубовник

И тогаш се случил првиот поголем скандал. Резиденцијата во Ужичка 15 имала првиватен и службен дел. Тито од прватниот дел, во кој престојувал со сопругата, во конференциската сала доаѓал преку една голема врата меѓу двата дела на објектот. Се затворала вратата, се навлекувала тешка сомотска завеса за да не се слуша ништо зад вратата и состанокот можел да почне. Тито обично доаѓал последен, кога сите што биле повикани на состанокот веќе биле сместени околу големата, конференциска маса.

Интересно е тоа што Тито често знаел да стане, да се пикне зад завесата и бесно да ја тресне вратата, а потоа, без да каже ниту еден збор за тоа, се враќал на масата. Личноста која можела да ја отвора таа врата, и да ги прислушкува врвните актуелни партиски и државни тајни на СФРЈ, можела да биде само Јованка Броз. Во тој дел на резиденцијата никој друг освен неа немал пристап. Дека таа тивко ја отворала вратата за да прислушкува зад завесата, Тито дознавал откако ќе ѝ побегнеле четирите пудлички, трчкајќи по конференциската сала.

(продолжува утре – Што му рекол Колишевски на Тито за Јованка?)

Поврзани новости