Иако изминатиот период во повеќе медиуми се објави веста дека Македонија ќе учествува на Евровизија 2024 во Шведска, ,,Фокус” дознава дека станува збор само за предлог, кој се уште официјално не е потврден.
-Програмата на Македонската Радио Телевизија во 2024 година ќе биде одбележана и со учеството на Изборот за песна на Евровизија 2024 година каде што ќе бидат презентирани македонските музички вредности преку песната – учесничка на овој фестивал- наведено е на страницата на МРТ, во објавената Предлог програма за работа на ЈРП Македонска радио телевизија за 2024 година, но релевантни извори од високото раководство во МРТ за ,,Фокус” велат дека учеството се уште не е официјално потврдено, туку станува збор за Предлог програма.
Исто така, на страницата на јавниот сервис МРТ во Предлог годишна програма за работа на ЈРП Македонска радио телевизија за 2024 година, е наведено дека за годишна членарина во ЕБУ (Европски радиодифузен сојуз) и ЦИРКОМ (Организација под ЕБУ) се предвидени 16 милиони денари, односно над 260.000 евра.
За котизација е наведено дека се предвидени 300.000 денари, односно околу 50 илјади евра.
Нашите доброупатени извори од МРТ појаснуваат дека без разлика дали Македонија учествува на Евровизија или не, членарината кон ЕБУ мора да се плати. Иако годинава откажавме учество поради економската криза, сепак таа членарина била подмирена, бидејќи ЕБУ е сојуз кој е најпознат поради организацијата на Евровизија, но исто така имал и други активности, како на пример отстапување на права за емитување на различни програми, филмови, серии и други културни и забавни содржини.
-Членарината во ЕБУ е платена и годинава, и покрај тоа што Македонија не беше дел од Евровизија, бидејќи доколку не се плати, се губи статусот на член, а со тоа се губи правото да емитуваме голем број на серии, филмови, настани… Значи, тие средства од околу 260.000 евра не се само за Евровизија, туку и за други проекти.
Котизацијата за учество на Евровизија се менува, посебно поради глобалното поскапување, и неофицијално, од информациите со кои располагаме, за 2024 година изнесува околу 50.000 евра.
Тоа што Македонија не учествуваше на Евровизија 2023, донесе заштеда од котизацијата, како и другите трошоци околу организација на избор на песна за Евровизија, промоција на песната, како и трошоци кои се неопходни за самото учество на настанот – вели нашиот извор.
За да се учествува на Евровизија и да се претстави земјата во најдобро светло, потврдува дека се потребни огромни финансии и максимално професионален тим. Повеќето земји учеснички имале далеку поголем буџет за настанот, бидејќи сепак се работи за манифестација која има огромна гледаност во светот и е голем промотор на секоја земја која настапува.
Македонија за првпат учествуваше на Евровизија во 1998 година, и првиот претставник беше Владо Јаневски со песната ,,Не зори зоро”.
Најголемиот успех ни го донесе Тамара Тодевска со песната ,,Proud” во 2019 година, кога го освоивме високото седмо место на целокупниот пласман и прво место според гласови од жири комисија.
Вики Клинчарова