805
Нови четири случаи на Ковид-19 се регистрирани во Кавадарци денес. Станува збор за две жени и двајца мажи, на возраст од 20, 22, и двајца по 24 години.
-Лицата се со благи симптоми, на домашно лекување и се утврдуваат нивните контакти. Еден пациент потврди дека имал контакт со веќе позитивно лице, додека останатите тројца не знаат од каде се инфицирале- велат од Центар за јавно здравје Кавадарци.
Градот кој подолг период успешно се справуваше со заштитата од вирусот, изминатиот период станува ново жариште, а најголемиот број на пациенти се на возраст од 16 години, па нагоре. Со бројот на активни случаи, над 40 до овој момент, ги надмина Велес и Ресен, кои важеа за општини со висок ризик.
Како се случи помеѓу младината во Кавадарци да започне забрзано да се шири вирусот, и пациентите да не знаат од кого и каде се инфицирале, од центарот велат дека немаат прецизен одговор, бидејќи се водат според податоците кои инфицираните им ги даваат.
Во повеќе наврати епидемиологот Ристе Јовановски апелираше да се намалат групирањата и дружбите во кафулињата, но на социјалните мрежи се чести фотографиите од забави со жива музика во локали, каде сосема се заборава на мерките за заштита.
Според она што го раскажуваат млади лица од Кавадарци, неодамна во градскиот парк се случила голема забава со музичар, каде наводно биле присутни повеќе од сега веќе регистрираните позитивни случаи.
Но, од центарот велат дека немаат таква информација, бидејќи најчестиот одговор кој го добиваат од позитивните пациенти е дека не знаат како се инфицирале, и дека не шетале многу.
Вики Клинчарова