Tужбата на коалицијата „Европски фронт“ предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ) против решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прегласувањето на избирачкото место 2101 во село Ларце во општина Желино, на парламентарните избори е неоснована, одлучи синоќа Управниот суд.
„Тужбата на тужителот коалиција „Европски фронт“, предводена од Демократска унија за интеграција (Движење на народот – ДН, Демократска партија на Албанците, Европска демократска партија ЕДП, Демократска партија на Турците, Политичка партија Унија на Ромите – УРА, Политичка партија Бошњачки Демократски Сојуз – БДС) изборна кампања – парламентарни избори 2024 година, во изборна единица 1, 2, 3, 4, 5 и 6, поднесена против решението на Државна изборна комисија на Република Северна Македонија УП1.бр.10-33 од 27.05.2024 година, се одбива како неосновано“, се вели во соопштението од Управен суд.
Со ваквата пресуда, се додава во соопштението, се потврдува решението на Државна изборна комисија од 27.05.2024 година.
Коалицијата „Европски фронт“ достави приговор до ДИК за прегласувањето на избирачкото место 2021 во селото Ларце. Тоа беше единствениот приговор за прегласувањето на 22 мај во седум изборни места во изборните единици 5 и 6.