„Иницијативата на Левица за Упатството на ААВМУ за платеното политичко рекламирање ќе биде ставена на следната седница, на 15.10.2025“ информираат денеска од Уставниот суд.
Датумот кога е закажана седницата на Уставен е на само два дена пред почетокот на молкот пред гласањето на Локалните избори 2025 кои се закажани за 19-ти овој месец.
Инаку, вчера Уставен суд соопшти дека ја прифати иницијативата поднесена од партијата Левица за упатството на ААВМУ за платеното политичко рекламирање и оформи предмет по кој ќе постапува. Од органот рекоа дека предметот е во претходна постапка.
-Формиран е предмет УЗ. бр. 70/2025 по поднесена иницијатива од партијата Левица. Предметот е во претходна постапка, се водат активности кои се предвидени за оваа фаза, информираа од судот.
Поради ознаката на предметот со УЗ ќе се оценува од уставните судии уставност и законитост на друг пропис или колективeн договор.
Кога лидерот на партијата Левица ја поднесе иницијативата до Уставен, паралелно со неа е поднесено и барање да се донесе времена мерка за стопирање на Упатството на ААВМУ.
Претходната постапка е уредена со членот 28 од Актот на Уставниот суд и во оваа фаза, како што се наведува во четирите става во него, судијата и советникот на кои им е доделена ги собираат податоците и известувањата што се потребни за одлучување во врска со барањето за поведување постапка.