Универзитетски реформи за 21 век

by Fokus

„Фокус“ контактираше со  Петар Поповски, универзитетски професор во Аалборг, Данска и гостин професор на ФЕИТ на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од кој побаравме мислење за новите законски измени во високото образование.

ФОКУС: Дали треба да има Универзитетски реформи?

ПОПОВСКИ: Во последнава деценија се случија многу универзитетски реформи, во голема мерка во Европа, за да го прилагодат универзитетот на предизвиците на 21ви век. Тие реформи ги засегаат наставните програми, профилите на студенти, барањата за мерлива истражувачка продукција на академскиот кадар, и слично. Многу е сложена дискусијата околу тоа какви треба да бидат реформите, што да се крати, во што да се инвестира повеќе, и сл. На пример, во инженерските дисциплини важно е универзитетот да дозволува флексибилни и краткорочни вработувања на проекти, да има рамка за преговарање на интелектуална сопственост со компаниите со кои се соработува и сл. Ова го кажувам за да илустрирам што значи “прилагодување на новото време”, но мора да кажам дека тоа прилагодување е различно за различни дисциплини. Академските потреби и перформанси се сосема различни во некоја инженерска дисциплина во споредба со, на пример, книжевност.

ФОКУС: Дали овој начин што се применува кај нас, со државен испит и импакт фактор, е вистинскиот пат кон универзитетска реформа?

ПОПОВСКИ: Државен испит и мерењата со импакт фактор се две различни прашања. Државниот испит е насочен кон верификација на квалитет на образование, а мерењата со импакт фактор се верификација на научно-истражувачка дејност. И во двата случаи се работи за верификација, но не прескрипција како да се подобрат и образованието и истражувачката дејност. За тоа дали таквата верификација е фер и ја постигнува својата цел, пишував во две колумни на офф.нет, едната за државниот испит, а другата за импакт факторот.

Ако за момент го изземеме квалитетот на таквата верификација, останува заклучокот дека квалитетот на универзитетот не може да се подобри само со специфицирање на процесот на верификација. Следејќи ги принципите на академска автономија, коренот на реформата треба да е во самиот универзитет, каде професорите и студентите може низ еден широк дијалог да ги идентификуваат постулатите врз кои ќе се базира универзитетската реформа, што ќе донесе до подобро образувани кадри и подобри академски перформанси на вработените. Верификацијата ќе произлезе како логичен производ на еден таков процес, што е далеку пооптимално од поедноставени евалуации со два парцијални државни испити и некритично превземање на бројки од комерцијални научни датабази.

 

Поврзани новости