Од денес хонорарите ќе се оданочуваат по 35%

by fokus

Од денес, првиот ден во новата 2015 година, стапија на сила измените на пет закони, скроени за новото оданочување на хонорарите. Поточно, наместо досегашните 10 проценти кои од хонорарите се издвојуваа за персонален данок, сега ќе се плаќаат околу 35% за пензиско и здравствено осигурување.

Или, да биде уште посликовито, околу 70 милиони евра, кои досега завршуваа во џебот на околу 200.000 граѓани, како хонорарен надомест, по основ на авторски договори, хонорарни услуги или сезонска работа, сега ќе се прелеат во државното чекмеџе.

Новото оданочување ќе важи за месечните хонорари над 9.590, односно 17,6 проценти од сумата, хонорарците или нивниот работодавец, ќе треба ја уплатат за пензиско осигурување и 7,3 проценти за здравствено осигурување, како и 10 проценти за персонален данок.

Државата на овој начин ќе се обиде да го наполни испразнетиот пензиски, но и здравствен фонд. Покрај оваа цел, со новото оданочување се очекува и вештачки да се намали невработеноста, односно од листата на невработени ќе се избришат сите хонорарци и лицата кои работат со договор на дело или друг вид договор, во вредност поголема од минималната плата во државата.

-Невработено лице или друго лице кое што бара работа не може да биде евидентирано во регистрите доколку има склучено договор за дело, авторски договор или друг договор за кој се плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување согласно со закон, стои во измената на членот 53  од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност.

Голем дел од јавноста остана затекната од овие измени, поради што неодамна се организираше и протест на кој се искажа незадоволството. Граѓаните го кренаа својот глас, бидејќи на овој начин хонорарците се изедначуваат со оние кои се во работен однос, но само по давачките кон државата, но не ги добија и поволностите. Поточно, хонорарците и понатаму ќе немаат право на годишен одмор, К-15, боледување и сè друго што како право произлегува од работниот однос. Значи, тие по однос на трошоците ќе бидат изедначени со редовно вработените, но не и по однос на бенефициите.

Законска обврска на хонорарците и на нивните работодавачи е и да го пријават хонорарното работење или договорот за дело кај соодветните институции кои треба да ги внесат во сопствените регистри.

Изменетите законски решенија предвидуваат и казни за работниците и за работодавачите во случај на непочитување на законот.

Глоба во износ од 500 до 1.000 евра ќе му се изрече на обврзникот за уплата на придонесите сам за себе доколку не го достави договорот за дело и/или авторскиот договор или друг договор до Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија. Казна во износ од 300 до 600 евра ќе му биде изречена на оној кој нема да се пријави за плаќање на придонес за пензиско и исто толкава казна ќе плати одговорно лице кај обврзникот за пресметка и уплата на придонесот за пензиско осигурување. Двесте евра  ќе треба да плати невработено лице кое зема хонорар или работи со договор на дело ако инспекторите го најдат како работи кај некој работодавач, а со ист износ ќе биде казнет и работодавачот.

Глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра ќе му се изрече и на обврзникот за пресметка на придонесите – правно лице доколку во пропишаниот рок не го достави извештајот до Управата за јавни приходи.

Иако првично беше предвидено придонеси на хонорарите да не плаќаат јавните функционери, врвните спортисти, волонтерите и пензионерите, од Министерството за труд и социјална работа, како и од министерството за финансии убедуваат дека сепак измените ќе важат за сите, освен за пензионерите.

Поврзани новости