Повеќето директори на скопските клиники во професорскиот контрапленум

by Fokus 12:06
12:06

Откако 400 универзитетски професори пред една недела формираа Професорски пленум против воведувањето на државниот испит на факултетите и новите законски измени во високото образование, спротивно на нивните барања вчера беше формиран професорски контрапленум, каде околу 200 професори, меѓу кои лекари, пратеници, директори дадоа поддршка на владините реформи во образованието.

На списокот со сите професорски имиња, кој беше јавно објавен може да се забележи дека многумина од нив се лекари и директори на скопските клиники. Еден од нив е доктор Ѕвонко Миленковиќ, првиот човек на скопската Клиника за инфективни болести и претседател на Комисијата за заразни заболувања, потоа може да се забележи и името на доктор Зоран Спировски, директор на Торакална хирургија, а тука е доктор Горан Кондов од истата клиника. На списокот, исто така, може да се најде и професор доктор Александар Чапароски, прв човек на Клиниката за неврохирургија.

Но, тоа не е се. На списокот потпишани професори е и доктор Александар Караѓозов од Клиниката за абдоменална хирургија, а може да се забележи и името на доктор Надица Митреска, која ја предводи скопската Клиника за радиологија. Во новоформираниот професорски контрапленум е и актуeлниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Андон Чибишев, кој раководи со Клиниката за токсикологија. На истиот список, може да се најде и името на Весна Јаневска, патолог, која претходно беше претседателка на Комисијата за попис од владејачката партија.

- Advertising -

На сличен начин се собираа потписи за поддршка и за време на претседателските избори, кога директорката на Клиниката за детски болести Аспазија Софијанова собираше потписи за кандидатот за претседател Ѓорѓе Иванов. Во тоа време, список кружеше низ скопските клиники.

Ирена МУЛАЧКА

 

 

Поврзани новости