Универзална сала ќе продолжи да се гради по вештачeњaта од ИЗИС и Градежен факултет

by Фокус

Новиот објект на Универзална сала ќе биде готов до 2026 година, истакна на денешниот брифинг со новинарите, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на кој присуствуваа претставници на фирмата изведувач и на фирмата која врши надзор на изведбата на работите.

Притоа, беше речено дека во пожарот што се случи во вторникот изгореле само стари материјали кои што требало да бидат дислоцирани, а сè што било вредно било извадено од салата уште во 2021 година.

Во пожарот беше зафатена и новата метална конструкција, челичната купола и останатите делови, а дали има некакви оштетувања ќе проценат од ИЗИС и Градежен факултет откако ќе се изработи нов елаборат кој треба да препорача и начин на отстранување на она што остана од поранешната конструкција.

– Ќе има вештачење кое ќе покаже дали е нарушена егзистенцијата на материјалот. Ако не е, ќе се продолжи со работа, во спротивно нарушеното ќе се демонтира и ќе се прави нова конструкција – изјави претставникот на надзорот, Љубин Макарвоски од фирмата „ЕОЗ“.

Тој нагласи дека за позицијата која се запали има распишано јавна набавка, односно е во втората фаза и дека тоа за колку време ќе се продолжи со реконструкцијата не зависи од нив, туку од институциите кои ја водат истрагата.

– Изведувачот што реконструира и гради има лиценца, која подразбира и осигурување, па додека тој работи таму за секој инцидент што би се случил на објектот и се предизвика некаква штета, трошоците ги сноси тој – рече Макаровски.

Лазар Арсоски, претставник од изведувачот „Универзал Балкан“, потенцираше дека во салата, за време на пожарот немало работници затоа што нивните работници и работниците од „Актива Штип“ престанале да работат десетина дена претходно по завршувањето на првата фаза.

Се чекал почетокот на втората фаза, за која е распишан тендер, но не е избран изведувач. Истиот изведувач учествува на тендерот.

Според него, работите на Универзалната сала може да почнат многу брзо, откако ќе заврши увидот и истрагата од надлежните органи. Тој смета дека 99 отсто од конструкцијата е безбедна и дека ќе може наскоро да продолжи реконструкцијата на објектот.

– Доколку металната конструкција е оштетена ќе биде заменета, а доколку само делови се оштетени, ќе бидат променети само тие делови. Запалениот дел требало секако да се реконструира, а за тоа досега не се потрошени пари бидејќи истото требало да се случи во втора фаза – додаде тој.

Поврзани новости