Алармантен број на деца-питачи на улиците и семафорите

by Фокус

Алармантна е состојбата со децата питачи во Македонија, констатира народниот правобранител. Податоците кои ги има институцијата говорат дека децата повеќе питачат отколку што се во училишните клупи.

Со цел што побрзо да им се помогне на овие деца и со тоа да се намали нивниот број на раскрсниците и улиците, народниот правобранител решението го гледа во тоа локалната самоуправа да ги мапира децата затекнати на улица и да пријави во институциите за да преземат мерки.

-Да се преземат мерки првенствено за подобрување на социоекономската и материјалната состојба на семејството, условите каде што живеат, за да може да се превенира поради немаштијата, поради сиромаштијата – вели Васка Бајрамовска.

Состојбата на семејствата, условите каде што живеат овие деца и сиромаштијата, е една од причините поради кои малолетниците егзистенцијата ја наоѓаат на улица.

Поради тоа апелот е да се превенира оваа негативна појава и надлежните институции со вклучување на граѓанските организации сериозно да се нафатат за изнаоѓање на најквалитетно ефикасно решение.

-Она што е негативно оваа слика ние ја гледаме секојдневно сите, ние сме сведоци на деца на улица, семафорите, низ главните улици. Но во попладневните часови овие деца од улица се преместуваат пред верските објекти се преместуваат пред куќите на локалните населенија – вели Бајрамовска.

Сместувањето или згрижувањето на децата во дневните центри е само едно од можните решенија, но не е целосно. Во Македонија има само три центри за згрижување на овие деца, со максимален капацитет по 24 деца.

Поврзани новости