Одиме во контранапад, одиме напред, изјави за украинската телевизија Вадим Денисенко, советник во украинската влада.
-Многу сериозни битки се случија во близина на Баришивка на исток, Буча, Хостомел и Ирпин сите на северозапад. Успеавме да заземеме многу – рече Денисенко.
Се одржуваат одбранбените линии, додаде тој, истакнувајќи дека има контраофанзиви.
-Дванаесет тенкови, неколку авиони, повеќе од 10 единици оклопни возила и најмалку 300 луѓе се уништени во последните 24 часа – рече тој.
Во исто време, руската војска денеска соопшти дека сега ќе се фокусира на „ослободување“ на источна Украина, порачувајќи дека ги исполнила првичните цели на инвазијата врз Украина која започна на 24 февруари.
-Борбените способности на украинските сили се значително намалени, што ни овозможува да се фокусираме најмногу на главната цел: ослободување на Донбас – изјави заменик началникот на Генералштабот на руската армија Сергеј Рудској.
Министерството за одбрана, пак, соопшти дека Русија разгледува две опции, едната да ја покрива цела Украина, а другата е насочена кон Донбас.
-Русија уништи огромен дел на воздухопловните сили и морнарицата на Украина, што значи успешно завршување на првата фаза од конфликтот – додаде Рудској.
Инаку, неименуван претставник на Пентагон изјави дека руските сили ја губат контролата и врз Херсон, додека висок дипломатски извор за „Ројтерс“ изјавил дека Москва го отвора патот за смирување на ситуацијата и спасување на лицето на руските власти.