Најмалку 11 лица се ранети во руски напади синоќа во Украина, објавија властите на неколку погодени региони.
Дваесет и осум руски беспилотни летала го таргетирале регионот Виница во централно-западна Украина кога биле погодени индустриски објекти, изјави преку Фејсбук Наталија Заболотна, службеничка на локалната воена администрација.
Седум лица се ранети, меѓу кои две со тешки изгореници, рече таа.
Во Харков, на североистокот од земјата, три лица се ранети во руски напад, изјави гувернерот Олег Синегубов.
Во Кривој Рог, во источниот регион Дњепропетровск, руските сили извршија „масовен“ напад, објави гувернерот на тој регион, Сергеј Лисак, преку Телеграм.
Лисак рече дека Русите го погодиле градот со беспилотни летала и дека испукале ракета, и додаде дека 17-годишно момче е рането и е во сериозна состојба и е однесено во болница.
Градоначалникот на Кривој Рог, Олександр Вилкул, рече дека балистичка ракета и 28 беспилотни летала од типот „Шахид“ биле истовремено испукани врз градот, кога била уништена индустриска зграда.
Русија речиси секојдневно извршува воздушни напади врз украинските градови како дел од својата офанзива што започна во февруари 2022 година.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, вети во понеделник дека Америка ќе му обезбеди дополнителна воена опрема на Киев и ѝ даде на Русија 50 дена да го прекине конфликтот. Тој, исто така, вчера ја повика Украина да не го таргетира главниот град на Русија, Москва.