Украински олигарх и неговото семејство се повредени во експлозија на бомба скриена во пакет во Монако

by irena 10:30
10:30

Според француските и украинските медиуми, во експлозија на бомба скриена во пакет во станбена зграда во Монако, тешко се повредени украинскиот олигарх Вадим Јермолаев и двајца други членови на неговото семејство.

Како што пренесува Би-Би-Си, повредени се и партнерката на Јермолаев и неговиот тринаесетгодишен син. Родителите се во критична состојба.

Експлозијата се случила нешто пред 21 часот по локално време на улицата „Реверенд Пер Луј Фрола“ (Rue Révérend Père Louis Frolla), во близина на француската граница.

Владата на Монако соопшти дека експлозијата била предизвикана од бомба поставена во пакет, додека државниот министер Кристоф Мирман за агенцијата АФП изјави дека експлозивната направа содржела шрафови и метални куглички, што укажува на намера да се предизвикаат што е можно потешки повреди.

Тој наведе дека станува збор за „намерно предизвикана експлозија“ и дека полицијата спроведува истрага, пренесуваат медиумите.

Францускиот весник „Ле Фигаро“ наведува дека снимките од видео надзорот покажуваат маж кој оставил ранец во лобито на зградата кратко пред експлозијата.

Владата на Монако објави дека осомничениот е снимен како бега пеш кон Франција по нападот.

На местото на настанот се испратени повеќе од 100 припадници на полицијата и службите за итни случаи.

„Колку што знам, ова е прв пат во историјата да се случи ваков чин во Кнежевството“, рече Мирманд.

Три повредени лица беа префрлени во болница во францускиот град Ница на лекување.

Принцот Алберт Втори го осуди нападот, нарекувајќи го „грозоморно злосторство“ и „шок за целата заедница на Монако“.

Тој додаде дека „сите релевантни државни служби се моментално ангажирани“ и дека тесно соработуваат со француските власти.

Вадим Јермолаев е инвеститор во секторот за недвижности кој ја напушти Украина пред неколку години. Украина му воведе санкции во декември 2023 година.

Слични вести