Шестмесечно бебе загина, а тројца луѓе се повредени во утринскиот напад со украински дрон врз Егорјевск, во Московската област, соопшти гувернерот на таа област, Андреј Воробјов.
Воробјов на платформата „Макс“ изјави дека бебето, кое по нападот било пренесено во болница, им подлегнало на повредите.
Според него, во нападот биле повредени уште три лица, на кои им била укажана медицинска помош.
Тој додаде дека по падот на беспилотното летало избувнал пожар во приватна куќа во Егорјевск, а противпожарните екипи брзо го локализирале пожарот. Надлежните служби во моментов го утврдуваат обемот на материјалната штета и околностите на инцидентот.
Нападот се случи во време кога нападите со украински дронови врз руска територија стануваат сè почести, додека Москва истовремено продолжува со воздушните напади врз украинските градови.
Во последните недели, двете страни бележат цивилни жртви поради зачестувањето на нападите со дронови.