Украдени државни пари се враќаат во земјава преку разни тропски острови како божемни странски инвестиции!

by Фокус

Текстот е објавен на 15-ти февруари 2013-та во неделникот „Фокус“ бројот 920

Пишувал
Стојан АНДОВ

Очигледно е дека нашата општа ситуација, во економијата, во администрацијата, во медиумите, во здравството, во образованието, во социјалната сфера, а под силното влијание на политиката, станува ирационална. Само неколку примери за илустрација. Во невладиниот сектор, на пример, улогата на невладините организации се сведува главно на извршување валкани дневно-политички задачи. Пример за тоа е „Фронтот на народот”. Тој „фронт” е чиста политичка групација, која за сметка на власта, има задача да ја оцрнува опозицијата.

Обратно од она што се случува во целиот демократски свет, каде угледни интелектуалци, уметници, научни работници се ангажираат во јавноста единствено со цел да се зауздаат некои владини активности, да се вразуми аздисаната власт, или, пак, во некои случаи да изразат темелна недоверба во власта, кај нас се собираат естрадни уметници, пејачи на забавна музика и артисти, кои натегнато докажуваат дека нивните права се доведени во опасност, која доаѓа од опозицијата. Зар е можно тие луѓе, а за значаен број од нив сме сметале дека се умни глави, толку малку да знаат за функционирањето на општеството, за уставната и за системската улога на опозицијата?

Ирационалноста на нашата вкупна политичка состојба и во оваа фаза на развојот на кризата, може да се илустрира со уште многу слични факти. Секој од нив покажува дека кризата беше неизбежна и дека таа допрва ќе ескалира. Премиерот Никола Груевски, на пример, крајно сериозен, вечерта на 24 декември минатата година, ја запозна јавноста дека во земјата се случил обид за државен удар, но власта тоа успешно го спречила. Таа теза, на различен начин, ја повторува во своите настапи. Затоа, за јавноста е интересно да дознае дали Груевски тоа му го рекол и на Штефан Филе, кога овој беше во посета на нашата земја и што Филе му одговорил на премиерот.

Неспорно е дека Груевски поаѓа од претпоставката дека во земјата сѐ е во ред, дека политичката ситуација е сосема нормална, дека нема политичка криза, туку грст завереници тајно прават заговор и се впуштиле во авантура да извршат државен удар. Не е за верување дека Груевски не знае што, всушност, е обид за државен удар и што значи тој да биде спречен. Обидот за државен удар може да биде само обид, ако е спречен. Тоа се постигнува  со благовремено апсење на главните заговорници и со нивна судска одговорност. Од тоа, како што е познато, нема ништо. Оттаму, јасно е дека тезата за обид на државен удар е валкан потфат за оцрнување на парламентарната опозиција. На вакви ирационални потези власта е принудена, бидејќи не признава криза, туку одговорноста за настаните, настојува да ја префрли на еден човек (Бранко Црвенковски) и на грст луѓе околу него.

Оваа теза е омилена на провладините медиуми, кои денес доминираат во нашиот медиумски простор. Во нив неприсуството на четириесет и двајцата пратеници во работата на Собранието, идеите за бојкот на локалните избори и другите активности на опозицијата, претставуваат само изживување на еден човек и двајца-тројца околу него. Од таа погрешна појдовна позиција, владата за оваа наша длабока политичка криза, лекот го бара на погрешно место и во погрешна форма.

Од една страна, таа делбите и конфликтите што ги создава во земјата сака да ги пренесе и на меѓународен план. Во одбрана на својата политика, таа ангажира личности од народните партии, за да обезбеди поддршка, или барем да биде толерирана за сите овие штетни потези кои ги презема во земјата. Очекува тие луѓе, поради својата партиска припадност, да бидат пристрасни и да се спротивстават на евентуалните критики и осуди на владата од страна на личности кои не се од народните партии, а имаат влијание во политиката на ЕУ, на Советот на Европа и на НАТО.

РАСПРАВА ШТО МОРАШЕ ДА СЕ ИЗБЕГНЕ

На внатрешен план, владата, како лек на кризата, има намера набрзина да спроведе промени на Деловникот на Собранието, а по можност и на Уставот. Значи, луѓето во власта заклучиле дека пратениците од опозицијата, во постапката за донесување на буџетот вршеле опструкција, само поради нивно некое лично задоволство и отсуство на чувство за одговорност.

Впрочем, и денес од страна на власта се промовираат лажните тези дека евентуалното одложување на донесување на буџетот, т.е. ако тој не се донесеше на 24 декември, туку тоа да се случеше во јануари или февруари, ќе доведело до тоа пензионерите да не ги земаат пензиите, луѓето во администрацијата да не добиваат плати, а ќе ги немало и потребни средства за здравството, за образованието, за разните парадржавни институции и тела итн. Тие не признаваат дека оваа држава има свое законодавство, кое содржи решенија за такви состојби.

Имено, владата само требаше да предложи закон за привремено финансирање и ќе овозможеше временски подолга, поисцрпна и поделотворна расправа за буџетот. Власта не сака ни да знае дека опструкцијата за донесувањето на буџетот, со поднесувањето на околу 600 амандмани од опозицијата, не беше обид за државен удар, туку деловничко право на пратениците, со цел да се  обезбеди нужна транспарентност во расправата за буџетската политика во земјата. Опозицијата го бараше тоа што владата со разни далавери упорно го избегнува.

Точно е, ако не се  донесеше буџетот на 24 декември 2012 година, владата ќе мораше да обезбеди  средства за отплата на достасаната меѓународна обврзница. Но, токму тоа владата и министерот за финансии не сакаа да го признаат како причина поради која бараат буџетот да се донесе на 24 декември. Ако тоа го признаеше, владата едноставно ќе беше принудена да дозволи расправа во комисијата, од која ќе се види како владата ги троши парите и зошто земјата ја довела во ситуација да мора буџетот да се донесе до 24 декември.

Таква расправа владата не може да издржи, а да не се разголи целата нејзина проблематична, дури и неодржлива буџетска политика. И оваа спротивност на интересите на Владата и на парламентарната опозиција доведе до конфликтот кој зеде опасни форми на 24 декември. Кога власта сака да ги забошоти работите, таа едноставно понатаму не спомнува дека полицијата насила ги избркала пратениците на опозицијата од парламентарната сала и дека неколку минути пред тоа полицијата ги избркала и акредитираните новинари од галеријата. Целото ова насилство и обидот што повеќе да се прикријат настаните, има за цел да не се види дека конфликтот е поради неодржливата буџетска политика на владата, поради тоа како таа ги собира парите и ги расфрла.

СКАПИ АВАНТУРИ

За да се види од што, всушност, се плаши владата, ќе наведам овде неколку примери. Штом Груевски дојде на власт во 2006 година, владата го презеде  мнозинството акции во ОХИС и го смени дотогашниот директор Јорго Ќука. До тогаш во ОХИС работеа околу две илјади работници, а фирмата не користеше буџетски средства од граѓаните и редовно ги измируваше обврските и спрема вработените, клиентите и државата. За да се создаде лош имиџ во јавноста за дотогашното работење на ОХИС, Ќука беше судски гонет.

Откако беше сменет Ќука, ОХИС стана абонент на државниот буџет и со парите на граѓаните се покриваа трошоците на фирмата. Значи, до смената на Ќука, ОХИС не користел буџетски средства, а од смената до денес, од касата на државниот буџет, во фирмата, според некои извори, се прелеале околу 30 милиони евра. Притоа, од  околу две илјади работници, работата ја изгубиле 1.200, а сега се помалку од 800. Каде е сега правдата? Зошто судски одговараше Ќука, а не одговараат владините функционери кои ја принудија фирмата да отпушти 1.200 работници и да земе околу 30 милиони евра на граѓаните?

Кога Владата настојува да спречи темелна расправа за буџетот, таа всушност и за оваа штета од 30 милиони евра, што ја нанеле на државата владини функционери, соодговорна ја прави и опозицијата. И така, одговорноста е поделена. А опозицијата е принудена да ги премолчува фактите, бидејќи власта така ги толкуваат Деловникот и законите, со што оневозможува транспарентна расправа и точно согледување на вистината за нејзината буџетската политика.

Оваа авантура, со подржавените фирми, уште неколку покрај ОХИС, му донесе на буџетот, покрај оние триесетте, барем уште десетина милиони штета. Целта на Владата е никој за тоа да не одговара. И затоа опозицијата треба да биде оневозможена да ги расветли фактите, со што институциите за откривање и прогон би ги принудила да ја испитаат вината на владините функционери.

Од буџетски аспект, сличен е случајот со изградбата на новиот-стар театар. Имено, за изградбата на тој проект, во јавноста владата доби поддршка. Притоа, пресудно беше тврдењето дека изградбата ќе чини околу 6 милиони евра.  Но, што се случува во праксата? Изградбата на новиот-стар театар се развлече и сега никој не кажува колку буџетски пари се дадени за таа инвестиција.

Според некои извори, досега за новиот-стар театар се потрошени  не 6, туку околу 30 милиони евра.  Значи, се работи за околу пет пати (500 отсто) поголема сума од првобитно одобрената. Пречекорување од пет пати поголема вредност, без оглед дали за секој чекор во трошењето на тие пари се нашло некое законско покритие, очигледно е дека доаѓа како голема измама и дека граѓаните, да го знаеле тоа од почеток, не би поддржале таква инвестиција.

Меѓутоа, уште пред да се впушти во овој потфат, владата била сигурна дека ќе оневозможи во Собранието да се изведе постапка за расчистување на ваквите прашања и за барање одговорност за ова чудовишно расфрлање на парите на граѓаните. Да се потрошат пет пати повеќе пари од предвидените, само по себе е знак за огромни слабости во владеењето и во располагањето со државните пари.

Таа слабост и неспособност била присутна при согледувањето на почетната вредност на инвестицијата. Но, пет пати да се зголеми сумата од онаа што била предвидена не може да се објасни со неспособност на оние што ја воделе инвестицијата, туку со „способност” на власта да ги прикрие сите деформации во водењето на оваа инвестиција, да спречи расправа во јавноста што би ги открила фактите, за никој да не одговара и да не биде осуден.

ЦРВОТ НА СОМНЕВАЊЕТО

Сакале или нејќеле, во спомнатиот случај, кај секого од нас се појавува црвот на сомневањето за перење пари, за прикриен грабеж. Владата, бидејќи на еден или друг начин ги доведе во послушност медиумите, не очекува од таа страна удари за своите постапки. Тогаш, останува само можноста пратениците, во расправата за буџетот, да ги откријат сите деформации и да дадат вистинска квалификација за нив.

На опозицијата ѝ останува, а како што прави власта, и таа одредбите во законите и Деловникот на Собранието да си ги толкува на свој начин. Меѓутоа, не е само ОХИС во мнозинска владина сопственост, ниту, пак, само новиот-стар театар е владина инвестиција, која заслужува темелно да биде разгледана и да се откријат сите факти поврзани за неа. Доволно е да се спомене само честата случајност на дефекти на системот на копање јаглен во РЕК Битола. Тие дефекти овозможуваат ангажирање на фирми што ќе вршат откривки, а кои се блиски до власта и врз сите тие аранжмани, едноставно, не е можна контрола.

Опозицијата имаше легитимно право да ги користи деловничките можности во постапката на донесувањето на буџетот да ја присили владата да ги отвори картите пред јавноста. Владата, наместо да го прифати тоа барање, ја обвини парламентарната опозиција за антидржавна дејност и за обид на државен удар. Од тие две спротивставени точки, во чија основа лежат спротивставени интереси, е одредена суштината и текот на оваа денешна длабока политичка криза во земјата. Од неа нема излез, ако се појде по патот што го избра власта – со измени на Деловникот да се спречат натамошните обиди на опозицијата вистинските состојби со буџетот да ги изнесе пред јавноста.

Затоа, сите кампањи што ги води власта сега не водат кон решение на кризата, туку ќе ја продлабочуваат. Да претпоставиме, Бранко Црвенковски утре да престане со својата активна политичка дејност и да си ја ужива својата претседателска пензија – триесетте милиони штетно потрошени буџетски средства за ОХИС нема да се намалат ни за едно евро. Ист е случајот и со новиот-стар театар и со целата буџетска потрошувачка во режија на оваа влада.

Инаку, да не се лажеме, владата навистина не е во состојба да води јасна и делотворна политика во односите со соседите. Таа речиси и нема своја политика во остварувањето на процесот на нашето евроинтегрирање. Нејзината главна ориентација е да произведува внатрешни непријатели, да ги дели луѓето на патриоти и предавници, а надворешната политика естрадно да ја води, претставувајќи ја како херојска одбрана на една мала земја од силните надворешни притисоци.

Сите прикаски за патриотизмот, за античкото потекло, за националната гордост, имаат главна цел да го тргнат вниманието на луѓето од она што го работи Владата со народните пари, граѓаните да не видат како  осиромашуваат и како сѐ почесто и сѐ повеќе власта ја става својата рака во нивните џебови и им го руши нивниот и така скромен домашен буџет. Истовремено, граѓаните ТРЕБА да се шекнат од големото „градење” на оваа Влада, за да не видат колку таа неодговорно располага со буџетот, со тешко заработените пари на граѓаните.

Спречувањето на контролата на власта, што треба да ја вршат невладините организации, медиумите и особено парламентарната опозиција, овозможува создавање разни канали на прикриен одлив на државните пари, на пример, на Маршалските, на Канарските и на кои сѐ не други острови, како сопственост на овдешни големци во власта. Тие пари, пак, потоа доаѓаат овде, како, ѓоамити, странски инвестиции.

Така, владата докажува дека и износот на странските инвестиции „расте”.  А за жал, се работи само за финансиски добивки од парите на граѓаните што ги стекнуваат луѓето од власта, заштитени од било какви контроли, со цел да им обезбедат богат живот на своите семејни наследници од повеќе идни генерации.

Токму затоа, кризата нема да биде решена со клевети упатени на парламентарната опозиција, со разни манипулативни измени на Деловникот, законите и Уставот, туку тие владини потфати само ќе ја продлабочуваат кризата, а таа ќе станува сѐ пожестока!

Поврзани новости